Во пресрет на одбележувањата на важни меѓународни датуми, како што се Меѓународниот ден на мирот, 21 септември, Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември и Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, дваесетина граѓански здруженија ја повикаа власта да престане со специјалната војна против граѓанското општество и да им даде простор на слободната мисла и делување.
Радио МОФ интерално пренесува дел од соопштението:
„Системскиот напад на граѓанското општество во целост, а особено на активистите за човекови права, новинарите, интелектуалците и уметниците е без преседан. Во последно време тие напади се заоструваат преку крајно вулгарните дисквалификации, лаги и манипулации кои имаат за цел да се дискредитира секој обид да се мисли и говори поинаку од власта.
Човековите права, стабилноста и мирот во Република Македонија се во загрижувачки лоша состојба. Тоа е констатација на сите релевантни организации и институции во светот и кај нас. Овие наоди за состојбите во земјава се поткрепени и со меѓународните индекси за одредување на степенот на демократијата, владеењето на правото и човековите права, слободата на говорот и медиумите, како и индексот за мир и стабилност, во кои Република Македонија редовно бележи стрмоглав пад. Граѓанските организации во земјата со години алармираат на загрозувањето на демократијата и човековите права, но тие остануваат невидливи за јавноста поради масивната контрола на медиумите од страна на власта.
Институциите се злоупотребени и целосно партизирани и работат исклучиво во интерес на партиите на власт. Границата меѓу институциите на државата и партиите на власт е избришана. Изборниот систем е целосно корумпиран и во спротивност со основните демократски принципи, правила и законитост.
Политичкиот дијалог е мртов со години, а нашата земја се вброи меѓу малкуте европски држави во кои се констатира постоење на политички затвореници и каде стравот да се проговори пред отворената закана од прогон и други видови притисоци од власта е силно присутен насекаде.
Полицијата е милитаризирана и излегува на улиците со оклопни возила на кои се монтирани митралези, во полна воена опрема и не се воздржува од употреба на сила и бруталност за да спречи или задуши мирни протести.
Национализмот и верската нетрпеливост што ги промовираат двете партии на власт преку злоупотреба и контрола на институциите, помалите партии и медиумите предизвикува поделби, тензии и насилство меѓу етничките и верските заедници во земјата.
Сето тоа го загрозува мирот, стабилноста и угледот на Република Македонија“, се наведува во соопштението каде се повикуваат сите граѓанки и граѓани на земјава да дадат поддршка на мирот, толеранцијата и почитувањето на човековите права и слободи.