„Граѓански активатор“ – Прирачник за граѓанско делување

Во услови на загрозено и репресирано граѓанско општество, на активностите на организациите неретко им недостасува поголема граѓанска вклученост, но и обратно, со своето неучество граѓаните се покуси за една силна алатка и партнер(и) за решавање на заедничките проблеми. Ова е причината поради која, во рамките на проектот „Граѓански активатор“, беше објавен „Прирачник за граѓанско делување“.

„Граѓански активатор“ - Прирачник за граѓанско делување„Идејата на проектот се базира на модерните комуникациски теории, според кои, на пример, повеќе од  80% од прашањата кои ги третира граѓанското општество се решливи со помош на комуникациски средства. Целта на проектот е да направи поврзување, взаемно јакнење и само-едукација од областа на активизмот;база на ресурси и вмрежување на организациите кои во своето делување ја гледаат потребата од колективна акција (особено во јавниот простор) за решавање на проблемите на граѓаните и заедниците. Сметаме дека за подолгорочен успех е потребен преглед и систематизација на алатките, како и знаењата стекнати низ практични искуства во македонски контекст, создавање на заедничко „знаење“, коешто, освен што ќе се пренесува, и постојано ќе се надградува“, се наведува во предговорот.

Проектот е обид да се поврзат граѓанските организации кои сакаат да го применат овој пристап, да креира регионални јадра, да воспостави силни врски и да ја иницира или  зајакне меѓусебната поддршка и солидарност на граѓанските организации и активистите.

„Нашата цел е да го земеме предвид целокупното знаење на оваа тема, презентирајќи го и нашето со надеж дека можеби токму тие препораки ќе бидат она што ќе ве бутне од работ директно во некоја акција – локална, политичка, еколошка, маалска. Да, за време на пишувањето ве имавме на ум вас, кои сè уште мислите дека „џабе се реагира“, „сите се исти“ и „ништо нема да смениш“, а упорно, секој ден, се бавите со неспособноста на одговорните во Општината да средат некоја јама во близина на вашиот дом или со општинското недомаќинско финансиско работење“, се порачува во Прирачникот за граѓанско делување кој е достапен на интернет и може да се преземе на следниот ЛИНК.