Граѓаните со масовна поддршка Вања Лазарова да добие статус национален уметник

Над десет илјади граѓани за неполни 24 часа се придружија на иницијативата на социјалните мрежи за поддршка на познатата македонска певица Вања Лазарова да добие статус национален уметник и национална пензија.

ФОТО: Вест

ФОТО: Вест

Вања Лазарова е македонска пејачка на изворни народни песни, доајен на македонската народна музика. Таа има испеано стотина македонски изворни народни песни, од кои најголемиот дел се снимени во продукцијата на МРТ. Има настапувано на голем број концерти на повеќе континенти. Пеела во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Голем е нејзиниот придонес во музиката од филмот “Пред дождот” на Милчо Манчевски кој доби награда Златен Лав на фестивалот во Венеција во 1994 год. Таа е првата македонска пеачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи Poligram и Philips. Добитник е повеќе интернационални музички награди а нејзиниот вокал е особено податлив за синтезите во етно-музиката.

Иницијативата започна откако уредникот и водител во ТВ „24 Вести”, Огнен Јанески, сосема случајно ја сретна Вања Лазарова во Домот за згрижување стари лица „Милица” во Кисела Вода и објави кратко интервју со неа во емисијата „24 за Животот”.

„Не сакав да ја малтретирам со долги интервјуа, зашто и самата сакаше времето да си го поминува со другарките во домот, каде што сака да биде и вели дека е како родена таму. Но, да се замислиме – со што заслужила Вања Лазарова да живее во дом (да повторам – каде што и’ е убаво), со ниска пензија (нема ни 10 илјади), без национална пензија и заслуги, какви што имаат други изведувачи во Република Македонија?“, вели Јанески во најавата за интервјуто на каналот Youtube.

Иако самата Вања Лазарова во интервјуто нагласува дека во Домот за згрижување стари лица има добар третман, непочитувањето од државата која не и го дала статусот кој го заслужува како доајен на македонската народна музика, предизвика бура од реакции на социјалните мрежи.

Граѓани револтирано коментираат дека во време кога анонимни пејачи на фестивали добиваат награди во десетици илјади евра, или пак се доделуваат владини субвенции за песни кои промовираат многудетно семејство, државата не смее да ги заборави вистинските национални уметници како Вања Лазарова и да им го даде она што одамна го заслужиле.

Со писмо до премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска, се огласи и Златко Ориѓански од музичката група Анастасија, кој побара итно да се корегира грешката на институциите и Вања Лазарова да добие статус на национален уметник и национална пензија.

Во продолжение ви го пренесуваме целото писмо на Ориѓански објавено на неговиот Фејсбук профил:

,,Со маки сум се родила,со маки ке си умрам“

Писмо до почитуваниот премиер Груевски и почитуваната министерка Елизабета Канчевска Милевска

Почитуван премиере Груевски,

Претпоставувам дека сте зафатен со поважни работи од моево писмо,но таков е моментот,чувствувам потреба да ви се обратам лично вам, знаејќи дека ми ја сакате музиката која низ годиниве сум ја пишувал. Дали знаете почитуван премиере дека барањето од Вања Лазарова за национален уметник и национална пензија е одбиено од Министерството за култура? Со Вас почитуван премиере се запознавме еднаш,сосем кусо при снимањето на рекламата „Маde in Macedonia“ од М.Манчевски, со моја музика, а со гласот од Вања ко заштитен знак. Претпоставувам дека таа средба воопшто не ја паметите,но во паузата од снимањето,ве потсетувам дека бевте воодушевен. Тогаш бевте министер во владата на Георгиевски. Дали паметите дека Вања, нашата тетка Вања пееше во филмот „Пред дождот“? Оној филм кој на Македонија и донесе Златен Лав во Венеција, оној филм кој освои повеке од 100 награди од Шпанија, преку Италија до Бразил и Аргентина…Тоа е филмот кој стаса до Оскар, тоа е филмот кој влезе во 100 те најзначајни филмови на Светската кинематографија. Таму, во тој филм Вања Лазарова ја отпеа „Со Маки сум се родила“, во името на сите нас. Не би сакал да редам што се таа жена остави и направи за Македонија, оти ке треба да ви напишам роман. Зарем е верно Македонија да и врати на ваков недостоинствен начин? Зарем е можно Македонија да нема 10.000 денари кои би се додале на нејзината пензија,за достоинствено,во старски дом,да си замине од овој свет ко ке и дојде време? Зарем не чувствувате дека треба да и се оддолжиме сите ние ,сега,кога тоа не го направи Македонија кога можеше и кога требаше? На крајот,дали воопшто е потребно некој како Вања,да поднесува барање,да се занимава со административни глупости и самиот да се предлага за награда? Зарем немаме до толку свест, ние, самите да знаеме и согледаме која беше Вања, кој беше Петре М. Андреевски?

За почитуваната министерка Канчевска имам само едно прашање и мислам дека имам легитимно право да го поставам: Почитувана министерке,кажете ми една,само една причина поради која Вања не е национален уметник? – со почит, Златко Ориѓански.

По акцијата и критиките на социјалните мрежи, денеска Вања Лазарова беше посетена и од министерката за култура,  Елизабета Канчевска Милевска. Таа заедно со продуцентската куќа „Трето уво“ најави дека на Лазарова ќе и биде доделена национална пензија, откако ќе заврши процедурата за добивање на државната награда „11 Октомври“ за животно дело.

Во продолжение слушнете дел од музиката за филмот „Пред Дождот“ со гласот на живата легенда Вања Лазарова во соработка со групата Анастасија.