Граѓаните се револтирани – Тетово зимава останува најзагаден град во земјава

Тетово и оваа зима останува град со најзагаден воздух Македонија, потврдуваат официјалните податоци на Министерството за животна средина и просторно планирање. Промената на времето, во средината на јануари помогна во намалување на концентрацијата на штетни материи во воздухот во повеќе македонски градови, но тетовци се чини ја немаа така среќа.

Така на пример, концентрацијата на ПМ10 честичките во воздухот на 16-ти јануари изнесувала 544.87 микрограми на метар кубен или за 11 пати над дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен.  Ако се споредат податоците за квалитетот на воздухот за месец јануари, Тетово секојдневно ја надминува дозволената граница на ПМ10 честичките во воздухот поставена на 50 микрограми на метар кубен.

Граѓаните се револтирани - Тетово зимава останува најзагаден град во земјава

Оттука се поставува прашањето, кој е виновен за ваквата состојба? Граѓаните се чувствуваат немоќно, од општина Тетово тврдат дека се преземаат мерки, екологистите пак бараат и локалната и централна власти под итно да се вклучи во решавање на проблемот.

Граганите се скептични , имаат чувство дека се оставени сами на себе.

„Загадувањето на воздухот постојано го чувствуваме. Пред неколку години во Тетово немаше магла, а Тетово беше град со најчист воздух“, вели за Радио МОФ еден повозрасен тетовец.

„Кога излегувам надвор не се дише, чувствувам печење на очите. Доволно е да се искачите на патот кон Попова Шапка за да ги погледнете облаците од загаденост на воздухот“, коментираат граѓаните.

Радио МОФ побара одговор и од општина Тетово за тоа што прават тие за решавање на горливиот проблем. Оттаму велат се свесни за загаденоста на воздухот. На прашањето кои мерки ги преземаат за намалување на загадувањето, велат дека редовно ги чистат улиците.

„Јавното комунално претпријатие редовно го собира и транспортира комуналниот отпад од главните улици и улиците во периферијата. Исто така за создавање на можности за поефикасно собирање на комуналниот отпад набавени се и поставени во соодветни места  нови контејнери.  Во Тетово важи забраната за движење на тешки товарни возила низ централното подрачје во периодот од 19 :00 до 21:00 часот и интензивно се чистат и мијат сите главни и споредни улици“, се наведува во одговорот од општината.

Оттаму за 2014 година најавуваат изградба на претоварна станица со што треба да се реши проблемот со дивата депонија, а укажуваат и дека тесно соработуваат со државните институции.

Гласот изминатиот период го кренаа и граѓаните кои организираа два протести против загадувањето на воздухот во Тетово, но не вродија со плод.  Надлежните пак, од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје им порачаа на болните со белодробни и срцеви заболувања да седат дома, исто како и на лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони.

И додека сите се свесни дека загадувањето го проголта градот под Шара кој со години важеше за „еколошки“ , засега освен најави, нема конкретна и долгорочна стратегија за тоа како да им се врати чистиот воздух на тетовци.

Бобан Костадиновски