Граѓаните не пријавуваат корупција

Граѓаните не пријавуваат корупцијаTелефонските линии за пријавување мито и корупција се „мртви“. Скоро никој не пријавува случаи на корупција на телефонските броеви кои специјално за таа намена се отворени во државните институции. Не е познато колку случаи со сомнеж за корупција се пријавени и на специјалната линија 199 која уште во 2007 година беше промовирана како национална линија за пријавување мито и корупција.

Надлежните во Министерството за внатрешни работи, кое оперира со оваа линија, каде може да се пријави каков било случај на корупција, тврдат дека генерално е намален бројот на јавувања, но не прецизираат колку од нив се бројат како случаи пријавени за мито и корупција.

Истражувањето кое го направи Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, покажа дека слаб е интересот за ваквите пријавувања, кои, пак, од друга страна, се почести на линиите кои ги водат невладините организации. Експертите ова го објаснуваат со толкување дека граѓаните немаат доверба во институциите, па затоа не пријавуваат корупција, што не значи дека таа не постои.

Ниту една поплака за мито или корупција досега не е регистрирана во Кол Центарот на Министерството за труд и социјална политика, кој постои уште од 2008 година. На веб страната на Министерството може да се види дека има посебна телефонска линија за корупција, но досега неа граѓаните ја искористувале да пријавуваат секакви случаи, но не и случаи на корупција.

Националната линија за пријавување корупција 199 која стои на веб страната на Министерството за транспорт и врски е истата со која оперира Министерството за внатрешни работи. Тука може да се пријавуваат случаи за која било сфера, односно за која било државна институција. Но, во МВР не прецизираат колку случаи од оние кои кај нив се пријавуваат се однесуваат на поплаки во однос на мито и корупција.

Препознатливиот број за пријавување на шверц и корупција на Царината е 197 која постои уште од ноември 2003 година. На веб сајтот на Царината може да се видат и конкретни бројки, но и таму јавувањата се намалени. Па така, во 2009 година имало 176 јавувања кои се однесувале за корупција и непрофесионално однесување на цариниците, додека лани за периодот јануари-јуни 2012 оваа бројка е сведена на 42.

Нема поплаки за корупција ниту кај студентите. Ниту еден случај на можна корупција или пак мито не е пријавен во Министерството за образование и наука, како и во ниту една од канцелариите за превенција и борба против корупцијата кои ресорното Министерство ги отвори во 2010 година на петте државни универзитети. „Студентите не пријавуваат мито и корупција туку доцнење испити или други неправилности кои се во домен на работење на студентскиот правобранител“, ни изјави претседателот на Студентскиот парламент, Кирил Спироски.

Тој се „брани“ дека студентите, сепак, имале поголема доверба случаите за корупција да ги пријавуваат кај студентскиот правобранител. Сепак, додава дека е потребна уште една кампања за антикорупциските канцеларии на факултетите со цел да се зголеми интересот за нив.

На линијата 198 во Управата за јавни приходи каде инаку може да се пријават случаите за корупција нема ниту едно јавување за забележано коруптивно однесување. Лице задолжено да оперира со телефонската линија 080010100 за пријавување на корупција има и во општина Аеродром, но и таму иста „приказна“-јавувања за корупција нема.

За разлика од праксата во државните институции, во невладините организации се регистрирани повеќе јавувања за ваквите случаи. Во рамките на проектот „Пријави корупција“ на “Transparency International Macedonia” во периодот од 1.09.2011 до 28.09.2012 година се примени вкупно 227 пријави од кои 199 релевантни. Граѓаните се жалеле на коруптивни однесувања во разни сфери, од кои за урбанизам, даноци, инспекции/лиценци, судство, недвижности итн.

„Фактот што нема пријави за корупција на телефонските линии во институциите не значи дека корупцијата ја нема. Напротив, ја има и многу е присутна и тоа многукратно повеќе од тоа што било пред 5,6 или 7 години. Во случајов станува збор за губење на доверба во институциите бидејќи тие не преземаат ништо ниту да го решат проблемот на корупцијата или пак да им помогнат на граѓаните“, ни изјави Слаѓана Тасева, претседателката на “Transparency International Macedonia”. Тасева додава дека нивните сознанија говорат дека корупцијата е многу повеќе присутна, при што спомена дека кај нив бројот на јавувања е зголемен за разлика од државните институции каде или нема или има малку јавувања.