Граѓани од ромска националност обвинуваат за дискриминација на граница

Неколку граѓани од ромска националност се пожалија во редакцијата на Радио МОФ дека им биле правени специјални контроли при премин на границата со Србија, само заради тоа што биле Роми.

Граѓани од ромска националност обвинуваат за дискриминација на граница

Себијан Фејзула, која живее и студира во Будимпешта за Радио МОФ вели дека на македонската страна од границата, таа и нејзиниот другар биле симнати и проверувани од граничарите, додека сите останати патници останале во автобусот.

„Ние бевме единствените Роми во автобусот и само ние бевме симнати и проверувани. Кога стигнавме на македонската граница, еден од граничарите се качи да ги собере пасошите, а друг веднаш позади него рече: ги сакам девојката (посочи на мене) и дечкото, посочувајќи на другар ми. Не ставија внатре во една соба и ни ги проверуваа куферите. Во меѓувреме, не прашуваа дали сме маж и жена, или дечко и девојка, каде патуваме и зошто, а после десет минути ни рекоа дека е процедура“, вели Фејзула.

Од невладината организација „Ромаверзитас“ за Радио МОФ велат дека нивни членови имале слични искуства кога патувале надвор од земјава.

„Имаме повеќе корисници на нашите услуги, кои се млади луѓе, студенти кои ни се пожалиле дека биле проверувани при излез од Македонија, додека останатите патници кои не се Роми не морале да се објаснуваат за тоа каде и со кого патуваат“, велат оттаму.

Од Mинистерството за внатрешни работи негираат дека постојат посебни контроли за Ромите или пак дискриминација врз етничка основа.

„МВР ниту ги двоело, ниту ќе ги двои граѓаните врз било каква основа. За нас сите граѓани се исти, без разлика на верската или етничката припадност. Понекогаш граничарите симнуваат Македонци, некогаш од други националности и можеби имало некоја друга причина за контролата, но тоа никако не е дискриминација“, вели портпаролот на МВР, Иво Котевски за Радио МОФ.

Неодамна Македонија доби неколку предупредувања за враќање на визите од Европската комисија, доколку не се справи со лажните азиланти, кои според извештајот на Комисијата, во најголем број беа Роми кои бараат азил во Европската унија. Минатиот месец, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска изјави дека 8.322 лажни азиланти биле спречени да излезат од Македонија. Граѓаните кои се пожалија на дискриминација, се уверени дека нивната етничка припадност е поврзана со проверките.

„Прашањето ми е дали било процедура само за нас? Како можам јас да докажам дека јас бев симната само поради мојот етникум? А сигурна сум дека беше само поради тоа“, прашува студентката Себијан Фејзула.

За само еден месец ова е втор случај каде граѓаните од ромска етничка припадност обвинуваат за дискриминација. Граѓанските организации најостро го осудија настанот во трговскиот центар „Скопје Сити Мол“, чие раководството преку електронска пошта испратена до фирмата „Land Service“ побара лицата припадници на ромската заедница да не бидат ангажирани на работни задачи во одделот за храна.

Кристина Озимец