Граѓани и активисти на солидарен протест пред амбасадата на БиХ

Со пароли „На импотентната власт само народот и се дига“ и „Солидарни против национализмот, корупцијата и непотизмот“, движењето за социјална правда „Ленка“, Левичарското движење „Солидарност“ и други левичарски иницијативи изразија поддршка на случувањата во Босна како и пошироко на Балканот, во сите нивни акции и барања како и во начинот на кој што го изразуваат незадоволството.

Протест

На активистите не им беше дозволено да протестираат директно пред амбасадата на Босна и Херцеговина во Македонија, и иако не беа во огромен број, сепак беа под силно полициско обезбедување, објави Нова. На улицата каде што се наоѓа амбасадата полициските претставници имаа поставено околу стотина метри непроодна зона за нив, а забележително беше и присуство на единиците за брзо распоредување близу улицата и активистите кои ја искажуваа својата солидарност.

Граѓани и активисти на солидарен протест пред амбасадата на БиХ

Посочувајќи ја Босна и Херцеговина како пример, го повикаа секој граѓанин на Македонија кој се чувствува обесправен, искористен, излажан, експлоатиран или ограбен, да го изрази својот револт, а упатија повик да се избегнуваат медиумите кои фрлаат црна дамка на барањата на босанскиот народ, нагласувајќи дека таму сега се сплотени луѓе од најразлични вери, убедувања и ориентации. Нивните барања од полицијата, да им се одговори зошто не им дозволуваат директно пред амбасадата да ја искажат поддршката и револтот, не беа одговорени.