Графитот „Вдиши го Маврово“ ја издиша историската важност на споменикот на Раѓеновиќ и Чемерски

Ресорт Маврово преку промотивна комерцијална акција ја исшара споменичната целина во Старо Бачило во Маврово. Делото на архитектот Радован Раѓеновиќ, каде има и постамент со мозаик на познатиот уметник Глигор Чемерски, беше обележано со графит „Вдиши го Маврово“. Додека најпрво Ресорт Маврово се пофали за своите активности, шарањето на споменикот на антифашистичката борба ги разлути архитектите, уметниците и експертите за заштита на историски објекти. 

Уметницата Елена Чемерска, ќерката на Чемерски, потенцираше дека насликаниот ѕид не е приватна сопственост, туку дел од артикулирана уметничка целина. Односно, постамент на споменик во јавен простор кој датира од 70-ите години, па ова претставува уништување на архитектонско и уметничко наследство.

„Намерата да се промовира локален туризам и солидарност во време на пандемија не смее вака непромислено да крши еден куп културни вредности, а најверојатно и законски одредби, бидејќи е во целосна спротивност на она што е наводно неговата намера. И треба малку повеќе да се чита и да се информира пред да се иницира една вака ужасно глупава ситуација, во која, за жал, секако ќе се најдеме заедно во наредниов период благодарение на неинформирано и неодговорно носење одлуки“, реагираше Чемерска преку социјалните мрежи.

Dreadpen, графити-уметникот што беше ангажиран за „Вдиши го Маврово“, вели дека историскиот мозаик на Чемерки остана во оригинална форма. Истовремено се извини до авторите на ова дело.

„Како артист сум најмен со договор од Ресорт Маврово за изведба на дело/графит, за кој пред изведбата не ми се пренесени информациите во однос на сопственоста на фонтаната како дело, и дали Ресорт Маврово има или нема дозвола за изведбата“, вели Dreadpen.

Toj презема лична одговорност за, како што вели, неговата незапознаеност со овој сензитивен дел.

„Со договорот никаде не е наведено на било каков начин дека Ресорт Маврово требал да обезбеди дозвола за истото. Доколку е потребно би помогнал да се врати делото во првобитната состојба, кое и покрај тоа што е тешко, има прифатливи начини. Целосната одговорност за оваа постапка ја има Ресорт Маврово, каде и на Dreadpen како бренд e нанесена штета. За крај изразувам огромна почит кон делото и исклучително жалење за настанатата ситуација“, вели Dreadpen.

Реакциите во јавноста не стивнаа, па од Ресорт Маврово сега тврдат дека ќе преземат сите неопходни дејствија за да го вратат бетонскиот постамент на мозаикот на Глигор Чемерски во првобитна состојба.

„Фонтаната заедно со постаментот на мозаикот беа во многу лоша и запуштена состојба. На самиот постамент имаше испишано недолични пораки чие место не е до уметничкото дело на Глигор Чемерски за кој имаме огромна почит како автор и уметник. Како компанија ја исчистивме фонтаната и просторот околу постаментот кои беа оставени без никаква соодветна грижа. Фонтаната ја ставивме во функција за која што првично била намената. Со интервенција на постаментот која не го оштетува мозаикот, сметавме дека не само што ќе ги отстраниме недоличните пораки, туку и ќе ги привлечеме посетителите на Маврово да дојдат на оваа локација и да го видат преубавиот мозаик на Глигор Чемерски кој неоправдано е оставен без соодветна грижа“, соопштуваат од Ресорт Маврово.

После критиките за нивната интервенција, велат тие, стојат позади нивните акции и доколку постои некоја грешка ќе биде исправена.

„Ги повикуваме сите оние кои сакаат да го видат ова уметничко дело да го посетат и заедно да работиме на негова популаризација. Но, најбитно од се е неговата заштита, да не остане без соодветна грижа и да не се доведе повторно во состојбата во која што беше, прекриен со недолични пораки и нефункционална фонтана исполнета со смет“, велат од Ресорт Маврово.

За случајот се обративме до Управата за заштита на културно наследство. Tврдат дека може да реагираат само ако станува збор за споменик што има статус на културно наследство.

„Делата на Чемерски, се прогласени за културно наследство, како што е ‘Споменикот на слободата’ во Кочани. Но, овој споменик, нема таков статус, проверивме во нашата документација. Спомениците и спомен-обележјата се третираат преку Законот за меморијални споменици. Таму е наведено на кој начин се подигнуваат спомениците, кој се грижи за нив и кој е надлежен. Доколку станува збор за меморијални споменици, се оди преку Собранието, а за спомен-обележја е надлежна општината. Ве упатувам да се обратите до Општина Маврово и Ростуше, како и до инспекциските служби на Министерство за култура“, ни рекоа од Управата.

Министерството за култура во одговор до Радио МОФ вели дека е против секакво нарушување на  интегритетот и оригиналноста на спомениците и спомен-обележјата на територијата на нашата држава.

„Меѓутоа, овој тип на споменици подлежат на Законот за меморијални споменици и спомен обележја и во согласност со истиот, надлежност за постапување ја имаат единиците на локална самоуправа“, потенцираат од министерството.

Вртевме и на официјалниот број на Општина Маврово и Ростуше, но не успеавме да добиеме одговор за случајот.

За Мартин Пановски, претседател на Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ), е разочарувачки што остануваат незаштитени бројни уменички дела и дела од современата архитектура. Но, независно од официјалниот статус, вели тој, имаме многу ниско ниво на култура, па не можеме да препознаеме, немаме „око“ дека постои некакво дело.

„За да видиме дали е вредност, или не. Од тој аспект, треба како земја да работиме уште од основно и средно училиште, со цел кај народот да се развие свест. Бидејќи, ова е приказ за немање основа култура. Во целиот овој процес, не е вклучен само еден човек. Не дошло само лицето со спрејот. Сигурно била и маркетинг агенција и повеќе луѓе. На ниту еден од нив, не му текнало дека ‘ова не е во ред, не треба вака да правиме’“, вели Пановски.

Асоцијација и претходно имаат дадено проглас – секој субјект да побара мислење и проценка од ААМ дали некакво дело има вредност. Ова е важно, вели Пановски, бидејќи сме мала земја, па мора да ги чуваме оние работи што ги имаме.

„Не е важно дали ‘ни се допаѓаат или не’, дали ‘е добро или не’. На крајот на денот, нема да остане ништо како авторски труд. Премногу сме сиромашна земја. Треба да го негуваме тоа ниво на култура од граѓанствотото од 60-те, 70-те, 80-те години… Самата соработка на Реѓеновиќ и Чемерски на еден комплекс, ни укажува дека во тоа време различно функционирале работите. Мене ме фрапираат коментарите дека споменикот е ‘разубавен’ Тоа ни кажува за сериозно загрижувачко ниво на култура“, забележува Пановски.

Уметницата Елена Чемерска вели дека односот кон културното наследство, не само врзано со антфашистичката борба, туку пошироко е нешто што веќе подолго време е фокус на дискусија во одредени професионални кругови.

Што се однесува до наследството врзано со антифашистичката борба, дополнува уметницата, од искуство може да каже дека заштитата на тоа наследство и вредностите кои ги еманира, како и пристапот кон нивното претолкување и ревитализација, е нешто со што се занимава не само Балканот, туку и бившиот источен блок и целиот постсоцијалистички свет кој овие вредност ги има системски негувано.

„Таа дискусија е нешто што е се уште прилично затворена во професионалните кругови (уметници, архитекти, историчари на уметност, академици), но сметам дека за да не доведе до повисоко ниво на заедничка еманципација, тој дискурс треба да се отвори на поширок план, и во дебатата да бидат поканети и претставници на пошироката заедница, вклучувајќи го и бизнис секторот. За таа цел, ако е неопходно и во формат на јавно образование, за да се направи разграничување на апсолутното право на приватна сопственост и се’ што таа подразбра, и она што е јавно добро и јавна вредност“, вели Чемерска.

Бојан Шашевски