Графити уметници: Графитите се адреналин, супкултура и бегство од општественото сивило

За некои графитите се нагрдување, за други уметност, трети пак, ги користат како средство за комуникација со останатите улични уметници и јавноста. Но, во Скопје, сè пoчести се партиските препирки и слогани по ѕидовите, во кои честопати владее говорот на омраза. Старите цртежи кои им „бодат очи“ на градските власти останаа симбол на алтернативната сцена во главниот град. За дел од уличните уметници, графитите, во Македонија остануваат супкултура.

Драш, Руки, СРК и Хром се псевдонимите зад кои делуваат некои од најпознатите и најактивните графити цртачи во Македонија. Нивните дела го красат кејот во Скопје, а можат да се забележат и во напуштени фабрики, надвозници, како и во други градови. Тие синоќа беа дел од „Контра кадар“ во кино Култура, каде дискутираа за македонската графити сцена.

За Драш, графитите се бегство од сивилото кое владее во општеството. Но, според него, неправедно е некој што сака да направи уметност да биде казнет, додека друг што сака да упати нечија партиска мисла – да биде пуштен.

„Никогаш не се случило некој што испишал политичка парола да биде казнет, а повеќе боли кога ти сакаш да го покриеш тоа, да нацрташ нешто сосема различно, тогаш ќе те казнат тебе. Глупо е, бидејќи се чувствуваш како којзнае што да си направил“, вели тој.

„Драш“

„Уште од 1991 година, па до денес, со секои избори, политичките пораки се зголемуваат во градот, ги забележуваме, или се правиме дека не ги гледаме. Графитите се сè уште супкултура во Македонија, некои ја сметаат како дел од хип-хоп сцената, некои пак, ја сметаат како дел од другите сцени. Јас доаѓам од скејт сцената и мислам дека генерално, графитите во Македонија се започнати од таа сцена“, додава Хром.

Казната за оној што црта на простор, а притоа нема дозвола, изнесува 100 евра, додека боите кои треба само привремено да се одземат, на крај никогаш не ги добиваат назад, раскажуваат овие графити цртачи.

„Хром“

Според СРК, не е лесно да се биде графити уметник во Македонија, но за него тоа е страст.

СРК

„ Го гледам ѕидот, ме предизвикува бидејќи е на ударно место. Знам дека ќе доживеам чувство на адреналин во себе ако помине минувач и си рече ‘што прави овој’, или ако дојде полицаец и те праша ‘кој ти даде дозвола?’, или ‘дај ми малку боја за браникот од голфот’. Тоа е натпревар самиот со себе“, подвлече СРК.

Тој, заедно со другар морал да работи општествено корисна работа една недела, бидејќи ги боеле контејнерите низ град кои немале тркала.

Руки

Една од малкуте жени на оваа сцена е и Руки, која почнала да црта во својата населба, во Капиштец. Според неа, се забележува напредок во овој вид на уметност.

„ Како што поминуваат годините, индивидуалниот нагон за нешто повеќе расте и се развива, станува поразлично, на нови локации. Луѓето имаат поголема смелост да се отворат на места коишто порано можеби не биле лесно дофатливи“, смета Руки.

Недостигот од иницијатива за нивно поголемо организирање, според неа, се должи на тоа што графити уметниците најчесто се лоши преговарачи кога станува збор за договарање на колку и каква боја ќе се искористи, или каде ќе се црта, а притоа им се одзема нивната слобода. Хром, пак, смета дека самите општини не се трудат да инвестираат во ова поле.

„Пишан проект досега не сме дале, бидејќи сами знаете како поголемиот дел од општините функционираат. Ќе се изгуби во некоја фиока, или ќе ти кажат ‘пари нема во општината, ако сакаш може да ти дадеме место и евентуално да ти помогнеме со некоја скала, некој да ти зачисти’, вели тој.

На ова се надоврзува и СРК, кој забележува дека само еден спреј чини 200 денари, а за да се нацрта цела фасада се потребни многу пари.

Но, и покрај тоа што речиси сите од нив биле фатени од полицијата, искусиле непријатни, но и смешни ситуации, не се откажуваат од своето хоби. Секој од нив има кариера, од која обезбедуваат средства за боја и спреј, а графитите се креативниот вентилот со кој ја ослободуваат целата нервоза.

„И со нас, и без нас, ќе постојат графитите. Но, на начинот на кој ние го сакаме тоа, а не кој некој ни го наметнува. Ние сме само маратонци, јас сум цртал и ќе продолжам да цртам, секогаш ќе бидам со графитите“, подвлече Хром.

Е.П.