Графит посветен на мирот ги покри пораките со омраза во Скопската чаршија

Графит посветен на мирот ги покри пораките со говор на омраза на еден од ѕидовите во Старата скопска Чаршија. И самиот графит е насловен „Ден на мирот“,по повод 21 септември.

Го направија Валон Кучи и Јетмир Асани, во соработка со здружението „Мировна акција“ од Прилеп.

Како што раскажува Кучи, за Радио МОФ, целта им било да пренесат една порака за мир и да ги покријат нацистичките симболи и пораките со говор на омраза, кои го грделе овој дел на Чаршијата.

„Сакаме секој кој сега ќе помине низ Чаршијата, да го забележи графитот и да ги прифати пораките за слобода, правда, мир, еднаквост. Сакавме со овие, да ги покриеме грдите пораки од претходно“, вели Кучи.

Тој посакува и улицата на која е нацртан нивниот графит, од „Градишка“, да се преименува во „Улица на мирот“, за да праќа позитивна порака за сите кои ќе минуваат по неа.