Графички роман ја покажува радикалната десничарска иднина на Франција, ако Ле Пен стане претседателка

Претседателските избори во Франција се полни со изненадувања, од одлуката на Франсоа Оланд да не се кандидира за втор мандат, до популарноста на радикалната десничарска и популистичка политика на Марин Ле Пен. Нејзината партија, Национален Фронт, од мала и осудувана партија во 1980-тите, сега е голема политичка сила. Ле Пен има втор најголем број на гласови во првиот круг на изборите, а што ќе се случи доколку стане претседателка, одговор нуди серијалот на графички романи, La Présidente.

Создаден од писателот Франсоа Дурпер и уметникот Фарид Буджелал, романот има веќе два тома, кои досега се продале во повеќе од 500.000 копии. Наскоро од печат излегува и третиот том, наречен La Vague („Бранот“), во кој учествувал и илустраторот Лоран Милер. Заедно, трите книги нудат поглед кон колективната анксиозност на француските граѓани, како што се соочуваат со претседателските избори во 2017, чиј исход е најнеизвесен досега, и чии последици за земјата и Европа можат да бидат огромни.

Дурпер, Милер и Буджелал се добро запознаени со механизмите на моќ внатре во Национален Фронт, а имаат и огромно знаење за медиумите и политичките механизми во Франција. Оригиналноста на серијалот – начин да се раскаже блиската иднина – е начин да се додаде историска методологија, а потоа имагинацијата да се стави во акција.

Во првиот том, авторите замислуваат дека на 7 мај 2017, Марин Ле Пен ќе биде избрана за претседателка на Француската Република. Реалистичната графика на Буджелал и текстот на Дурпер, овозможуваат потенцијалните последици на овие избори да се „одмотаат“ чекор по чекор.

La Présidente ги опишува првите 100 дена на Марин Ле Пен во Елисејската палата, мобилизирајќи ја политичката машинерија и методите кои Националниот Фронт ги користел низ историјата. Од националнистичката политика и промените во безбедносниот систем кои Ле Пен ги предлага, па сè до излезот на Франција од евро-зоната , широко распространетиот масовен надзор преку електронските и дигиталните уреди и „легалното претпочитање“ на граѓани со потекло од Франција, во романот се прикажани сите потенцијални ужаси.

Вториот том, Totalitaire, е сместен во 2022 година, кога Марин Ле Пен се кандидира за втор претседателски мандат. Третиот пак, е „сценарио вредно за снимање на најмрачен трилер“. Овде Франција веќе поминала два петгодишни мандати под водство на претседател од Националниот Фронт. Има отпор, но и огромна поддршка. Со сојузници како Доналд Трамп и Владимир Путин, нема шанса дека вистинската демократија ќе се врати.