Градот Скопје со предупредувања и препораки до граѓаните поради загадениот воздух

Поради надминувањето на граничните вредности за штетните ПМ честички во воздухот во текот на изминатите пет дена, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски ги прогласува следните мерки од прв степен:

– Се апелира до сите граѓани да го користат јавниот превоз,

– Се апелира до граѓаните да не ги користат своите автомобили без поголема потреба,

– Се апелира до граѓаните, при користење на возило, во него да се возат повеќе лица истовремено,

– Се повикуваат возачите на тешките товарни возила да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот,

– Се повикуваат сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат доколку немаат регуларно испуштање на отпадните гасови,

– Се повикуваат граѓаните да користат суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци,

– Се повикуваат граѓаните при затоплување на своите домови, да не користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси (отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали),

– Се препорачува печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот,

– Се препорачува редовно да се чистат оџаците,

– Се препорачува да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на димните гасови.

– Се предупредуваат граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и слично со коишто се загадува воздухот во просториите.

– Се повикуваат раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада,

– Се апелира до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје,

– Се повикуваат граѓаните да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања.

– Се препорачува на одделни категории на населението (малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе) да не излегуваат на улица.

– Се препорачува на граѓаните да не ги проветруваат просториите во кои престојуваат.

Од Градот велат дека настанатата состојба е резултат на загадувањето на воздухот, но, пред се, на стабилната временска состојба, карактеристична за Скопската котлина во студениот дел од годината.