Градоначалникот во Валандово ја запира одлуката за референдум, се работело за „нелегално и неосновано трошење на буџетски пари“

Николче Чурлиновски, градоначалникот на Општина Валандово, одлуката на Советот за распишување на локален референдум одлучи да ја запре, бидејќи, како што наведува во образложението, „Советот не е надлежен за вакви одлуки“ и референдумот би бил „незаконско и неовластено трошење на градскиот буџет“.

Градоначалникот имаше седум дена после донесувањето на одлуката на 3 јули, да го потпише барањето на градските советници, кои осуммина од 15 одлучија да се распише референдум.

Во документот објавен од страна на граѓанското здружение „Спас за Валандово“, потпишан од Чурлиновски, се вели дека запирањето е одлучено врз основа на Член 51 став 1 од Законот за локална самоуправа.

Членот 51, став 1, гласи: „Ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дека од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето“.

Образложението на Чурлиновски е дека „предметната Одлука е донесена за решавање на прашања чие што одлучување не е во надлежност на Советот на Општина Валандово и тој не е овластен да одлучува“.

Дополнително, вели дека со членот 8 од Одлуката е предвидено дека средствата за спроведување на референдумот ќе се обезбедат од буџетот на Општина Валандово во висина на 1.200.000 денари.

„Градоначалникот на Општина Валандово го запира нејзиното објавување во Службениот гласник на Општина Валандово, со цел да спречи незаконско и неосновано трошење на буџетските средства на Општината за чие што обезбедување ќе биде неопходен ребаланс на Буџетот за 2017 година“.

Процесот на распишување на референдум во Валандово се одложува со месеци, откако два пати беше одбиена граѓанска иницијатива, а сега и иницијатива на советници.