Градоначалникот Стојановски повикан во полиција поради заканите во училиштето во Демир Хисар

Министерството за внатрешни работи соопшти дека градоначалникот на Демир Хисар, Марјанче Стојановски вчера бил повикан во локалната полициска станица на разговор поради објавената снимка во медиумите, по насока на Јавното обвинителство Битола.

„М.С. во разговорот изјави дека снимката која се појавила на интернет е од протест во О.У. Гоце Делчев во Демир Хисар кој се случил во средината на месец јануари 2018 година. Протестот се одржал заради промена на две учителки во други подрачни училишта“, соопшти МВР.

По насока на обвинителство, велат од МВР, градоначалникот синоќа во 20:30 часот е пуштен, а во врска со овој случај ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор со цел негово целосно расчистување.

Инаку, lider.mk објави видео на кое се забележува како градоначалникот во училишен простор им им се заканува на наставнити пред деца.

„Заборавате дека во МВР работев, заборавате дека ви слушам сите телефонски јавувања. Одење од куќи и така натаму“, се слуша на снимката.