Градоначалникот на Лондон побара нов референдум за „Брегзит“

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, упати драматичен повик за нов референдум околу членството на Велика Британија во Европската Унија, објаснувајќи дека на граѓаните мора да им се даде шанса да го одбијат „Брегзитот“ кој би бил штетен по економијата, работните места и здравствениот систем.

Во текст објавен во Обсервер, Кан вели дека со толку малку време преостанато за преговарање, останати се само уште два можни исходи – лош договор за Британија или непостигнување на договор, што, според него е уште полошо.

„Двата исходи се многу ризични и не верувам дека Тереза Мај има мандат да се коцка со британската економија и животот на граѓаните“, пишува градоначалникот на Лондон.

Кан вели дека не очекувал дека ќе треба да поддржи втор референдум, но дека тоа го прави поради лошите резултати на владата. Тој додава и дека не гледа алтернатива од таа на граѓаните да им се даде шанса да останат во ЕУ.

„Тоа би значело референдум за останување во ЕУ или прифаќање на било кој договор кој би го постигнала владата, или „Брегзит“ без договор. Граѓаните не гласаа да ја напуштат Унијата за да станат посиромашни, за да гледаат како полицијата се спрема за граѓански немири или за ризик по нашата национална сигурност доколку нашата соработка со ЕУ во борбата со тероризмот попушти“, пишува Кан.

Повиците за нов референдум од еден од најугледните претставници на опозициската Лабуристичка партија значат и притисок кон партискиот лидер Џереми Корбин да застане зад идејата за втор референдум на годишната конференција на партијата која ќе се одржи идниот викенд во Ливерпул.

Локалните ограноци на лабуристите поднеле повеќе од 100 анти-брегзит барања со поддршка за нов референдум, што е рекорден број по некое прашање во поновата историја на Лабуристичката партија.

Велика Британија треба да ја напушти Унијата на 29-ти март следната година, а владата на премиерката Тереза Меј се уште нема постигнато никаков договор со ЕУ, а противење има и во редовите на нејзината Конзервативна партија.