Градоначалниците да подготват проекти за гасифицирање на општините

Градоначалниците да подготват проектна документација за гасификација на општините и да одлучат дали сами ќе инвестираат, дали ќе најдат инвеститори или тоа ќе го сторат преку јавно-приватно партнерство, порача премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Министерство за финансии.

Прашан за гасификацијата на Скопје, Заев додаде дека има гасоводна цевка до градот, но дека нејзината искористеност е од 15 до 20 проценти.

„Ги мотивирам градоначалниците да почнат со изготвување на проектна документација. Има главна гасоводна мрежа, но општините мора да имаат главни проекти. Некои од градоначалниците веќе доставија планска документација“, рече Заев, додадавајќи дека гасификацијата е многу важна од економски и еколошки аспект, а за неа во буџетот се предвидени 35 милиони евра.

Инаку, досега гасификацијата се споменуваше при сите изборни кампањи наназад, од повеќе влади, но главниот град се уште нема опција за загревање на гас. Документарецот на Центарот за истражувачко новинарство СКУП уште еднаш покажа дека цехот од отровниот воздух кој скопјани го вдишуваат е над 1.000 мртви годишно и економски штети од 250 милиони евра. Укажува и на тоа дека во Скопје годишно се горат 800.000 метри кубни дрва, што го прават градот најзагаден, а воедно и најскап за загревање во регионот. Најмногу домови, околу 120.000 во Скопје се загреваат на дрва.

Ако се претпостави дека за 30 квадрати се трошат по 6 метри кубни по домаќинство годишно, според пресметките на СКУП, тоа би чинело 18.000 денари годишно, или 600 денари за метар квадратен за една грејна сезона. За разлика од Скопје, околните главни градови во соседството се гасифицирани, па за загревање на еден метар квадратен би платиле 2-3 пати помалку. Според СКУП, гасификацијата на Скопје би чинела толку пари колку што во изминативе три-четири години чинеа само анексите на фасадите на „Скопје 2014“.

Анализа на СКУП