Градинките повторно ги отворија вратите за 14.555 деца, останува место за уште 4.500

По паузата поради ковид-кризата, денеска градинките низ земјава повторно станаа достапни за 14.555 пријавени деца.

Според информациите на Министерството за труд и социјала добиени на ниво на држава, согласно протоколот има простор за згрижување на вкупно 19.000 деца, што остава простор за прием на уште 4.500 деца.

Ресорната министерка Јагода Шахпаска апелираше за максимална одговорност од сите чинители вклучени во процесот за згрижување на децата. Целта, според Шахпаска, е заштита и побезбеден престој на децата во градинките, водејќи се строго согласно протоколите за Ковид-19.

„Протоколот кој што Комисијата за заразни болести го усвои на 29 мај многу јасно ги утврдува прописите на однесување на сите чинители. Од приемот на децата од воспитувачите, до нивното сместување во занималните, начинот на кој што ќе се одвива денот, дотур на храна, дневниот одмор, се до нивното испраќање од градинката“, посочи Шахпаска.

Таа истакна дека согласно протоколите во групите од 0-2 години, се сместуваат максимум 6 деца, за кои се грижат двајца вработени од градинката, а во останатите групи од 2-6 години, максимален број на деца е 15, за кои се грижат исто така двајца вработени.

Како влезен критериум за згрижување на дете во градинка, Шахпаска истакна дека приоритет има дете на самохран родител и дете на двајца вработени родители чиј работен процес не дозволува работа од дома, односно мора да бидат физички присутни на своите работни места.