Град за сите – нов ресурсен центар за зелени политики, пописи и оспорување ДУП-ови

Новата онлајн платформа ќе им помага на граѓаните да читаат и оспоруваат ДУП-ови, да прават пописи на зеленило, тактики за институционална и вонинституционална борба. 

Невладината „Плоштад слобода“ денеска го претстави вебсајтот наменет за помош на активистите и соседите во решавањето и отворањето на локални и зелени проблеми.

Главна можност на GradZaSite.mk, според активистите, е ресурсниот центар кој што споделува методологии за пописи, примери на веќе спроведени пописи, прирачници за читање на ДУП-ови, граѓански активизам, анализа на реновирани улици итн. Покрај ова, вебсајтот ќе споделува вести за локални и зелени прашања, но и ќе информира за активностите на локалните иницијативи низ земјата.

„Изминативе години соработувавме со многу локални иницијативи на зелени и локални прашања. Во Гевгелија го имаме проблемот со водата, во Кавадарци е младинскиот центар, во Прилеп и Охрид културното и природното наследство, а во Штип и Скопје се уништените паркови. Сите овие иницијативи се соочуваат со злоупотреба на заедничките добра и нивна пренамена во корист на државата или бизнисот. Со овој сајт сакавме да им дадеме поддршка во нивната борба за заедничките добра. Тука ќе можат да најдат примери на борба, но и да бидат подучени како да се справат со проблемите“, рече Никола Наумоски од „Плоштад Слобода“.

Ивана Драгшиќ нагласи дека изминатиот период работеле на прирачник со кој што им ја превеле проблематиката на ДУП-овите од стручниот урбанистички јазик на јазикот на обичниот човек.

grad-za-site

„Одржавме три обуки за читање ДУП-ови во Скопје, Штип и Охрид, но сега секој ќе може да си ја подигне својата електронска копија од прирачникот од нашиот вебсајт и сам да си го протолкува ДУП-от од неговото маало”, додаде Драгшиќ.

Активистите потенцираат дека „Град за сите“ е проект на два фронта. Прво, едукација на граѓаните за урбанистичката регулатива и читање на ДУП-ови и, второ, теориска расправа за справувањето со „Скопје 2014“.

Ова е правено во соработка со Фондацијата „Хајнрих Бол“, кој е посветена на унапредување на демократијата и човековите права, зголемување на еднаквоста помеѓу жените и мажите, обезбедување мир преку превенција на конфликти во кризни региони и слободата на индивидуите наспроти претераната државна и економска моќ.

Фондацијата одржува блиски односи со германската зелена партија и работи како тинк тенк за зелени визии и проекти. Во моментов, присутна е во околу 60 земји, со 30 свои канцеларии и работи во преку 100 партнерски проекти. „Хајнрих Бол“ работи независно и одгледува дух на интелектуална отвореност.