Град во Финска нуди бесплатна торта на жителите кои ги намалуваат емисиите на јаглероден диоксид

Градот Лахти во Финска нуди торта, бесплатни билети за превоз и други награди за локалците кои ги намалуваат нивните емисии на јаглероден диоксид, пишува „Еуроњуз“.

Градот кој се наоѓа на 100 километри северно од Хелсинки, разви апликација која ги следи емисиите на јаглероден диоксид на корисниците, врз основа на тоа дали тие патуваат со автомобил, јавен превоз, велосипед или пеш.

Апликацијата наречена „CitiCAP“ која е равиена со средства од Европската унија, на корисниците им дава неделна квота за јаглерод. Ако квотата не е исцрпена, тие добиваат виртуелни пари кои можат да ги користат за купување билети за автобус, пристап до базен или парче торта.

„Може да заработите до две евра (неделно) ако вашите емисии за патувања се навистина ниски. Но, оваа есен, имаме намера да ја зголемиме цената десет пати“, вели Виле Уситало, менаџер на истражувачкиот проект.

Во моментов, околу 44% од патувањата во градот се сметаат за одржливи. Градот, кој исто така е европски зелен главен град за 2021 година, има за цел значително да го намали влијанието врз животната средина во текот на следните десет години.

„Лахти се уште е многу зависен од автомобили. Нашата цел е до 2030 година, повеќе од 50% од сите патувања да се вршат преку одржливи транспортни средства“, вели шефот на проектот Ана Хутунен.