Град Скопје започна со 3Д мапирање на изворите на аерозагадувањето

Градот Скопје викендов го почна 3Д мапирањето на критичните точки за загадувањето на воздухот во градот со беспилотно летало. Како прва локација беше избрана депонијата „Вардариште“. На оваа локација е забележано палење кабел и друг кабаст отпад.

„Жителите на Аеродром и на Гази Баба веќе подолг период се задушуваат од непријатна миризба што се шири покрај кејот на Вардар. Мерните станици покажуваат најголема концентрација на ПМ10 честички токму во овие делови од градот. Сега, со 3Д мапирањето на „Вардариште“ ќе се добие целосна слика на опфатот на депонијата, односно во кои делови се пали отпад, особено ако тие делови се наоѓаат на приватни имоти. Инспекторатот на Град Скопје ќе добие прецизни податоци, со што полесно ќе може да ги извршува задачите. Убедени сме дека со вакви акции ќе ги елиминираме причинителите на загадувањето, еден по еден“, вели портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Тој нагласи дека минатиот месец инспекторатот издал двојно повеќе казни во однос на октомври 2017 година.

„Сите инсталации кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола се проверени и редовно доставуваат мерења со кои се задолжени во самата дозвола. Активна е и кампањата за пријавување огнови на отворено на телефонскиот број 193. Во оваа пригода упатувам апел до сите граѓани огновите на отворено да ги пријавуваат на телефонскиот број 193, а не како што е вообичаената практика да ги пријавуваат на социјалните мрежи. Само заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да ја подобриме животната средина и квалитетот на амбиентниот воздух“, нагласи Салиху.

Раководителот на Секторот инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, појасни дека „Вардариште“ е една од црните точки во градот кои во изминатиов период биле предмет на инспекција и каде што се откриени поголем број прекршители.