Град Скопје: Во текот на распустот се реконструираат 11 средни училишта

За да се подобрат условите во кои учат средношколците, Градот Скопје и оваа година ќе ги обнови и реконструира објектите на Димитар Влахов, Јосип Броз Тито, Орце Николов, Кочо Рацин, Никола Карев, Боро Петрушевски, Здравко Цветковски, Панче Арсовски, Сарај, Панче Караѓозов и на Михајло Пупин, информираат од Град Скопје.

„Оваа акција која што започнува денеска, треба да заврши до крајот на летниот распуст со цел децата непречено да одат на настава“, информираат градските власти од Скопје.

Од таму додаваат дека во овие училишта ќе се реконструираат фасадите со цел тие да станат енергетски ефикасни, а во преостанатите средни училишта ќе се изврши целосна реконструкција на внатрешноста и замена на столаријата онаму каде што е потребна.

„Внатре во санитарните јазли, изработуваме посебни тоалети за децата со посебни потреби,  бидејќи секој во Скопје има право на еднаква шанса, секој во Скопје има право на живот“, нагласи денес градоначалникот Петре Шилегов.

Висината на средствата што се планирани за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари, од кои 46 милиони денари се за фасади, а преостанатите за санација на санитарни јазли, подови, врати, електрика, греење, во вкупно 12 училишта во градот.

Овие средства, велат од Градот, се обезбедени со пренамена на средствата предвидени за „Скопје 2014“.