Град Скопје: Во декември казнети четири индустриски загадувачи

Во декември овластените инспектори за животна средина на Град Скопје, извршиле вонредни контролни мерења на 4 инсталации што подлежат на Б–Интегрирана дозвола, како и на 4 субјекти што подлежат на Eлаборат за заштита на животната средина, соопшти градоначалникот Петре Шилегов на вчерашната седница за советнички прашања.

„При вонредните контроли на овластените инспектори за животна средина со овластена лабораторија досега е утврдено пречекорување на граничните вредности кај 4 инсталации кои се под надлежност на Град Скопје и истите ќе бидат санкционирани согласно со Законот за заштита на животната средина“, рече тој.

Инспекторите извршиле по редовни контроли на сите 40 инсталации кои подлежат на Б–Интегрираната еколошка дозвола.

Дополнително, Секторот Инспекторат воведува и сменско работење (дежурства) кое треба да започне од 6 часот наутро, како и после полноќ, се до раните утрински часови, како и за време на викендите.

„Исто така, контролите се интензивирани на градилиштата, со посебен акцент на централното градско подрачје, но и другите поголеми градилиштa во другите општини, како и на територијата на Општина Аеродром каде што се сконцетрирани поголемиот број од градилиштата. Притоа се контролирани 51 градилиште и врачени се 8 казни и записници за миење на гумите, миење на улиците пред градилиштата и покривање на камионите кои излегуваат од градилиштата со церади“, велат од Град Скопје.

Во периодот октомври-февруари кога има зголемено загадување на воздухот на територијата на Град Скопје се врши секојдневна контрола на  градилиштата, уверуваат оттаму.

„Бројот на изречени казни изминативе 3-4 месеци, во однос на истиот период  2017 година  е речиси двојно зголемен.  Воведена е втора смена и се контролира целата територија на град Скопје, со акцент на критичните точки. Направена е координација со општинските инспекторати за зајакнување на контролата и координацијата помеѓу градските и општинските комунални редари“, стои во соопштението.

Од Град Скопје велат дека се отстранети дивите продавачи од булеварот пред Бит-пазар и пред дуќаните.

„Воведена е втора смена на комунални редари заедно со комунален инспектор на ул. Македонија и плоштад Македонија. Во координирана акција заедно со Еко патрола од комунална хигиена е спроведено дежурство од 8.30 до 15.30 часот на најкритичните точки низ сите општини на Градот Скопје. Исто така, во кординирана акција беше спроведено викенд дежурство на комуналните редари на Град Скопје на Вардариште, и во Градскиот парк на повеќе локации каде што граѓаните беа првично опоменувани, а некои и казнети за сторен прекршок по законот за јавна чистота“, информираат од Град Скопје.