Град Скопје: Вкупно 66 контејнери се запалени и целосно уништени

Вкупно 66 контејнери во Скопје се запалени и целосно уништени во првите девет месеци од годинава, соопшти Град Скопје

Заедно со јавното претријатие „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните правилно да го оставаат отпадот од домаќинствата и да не ги оштетуваат и палат контејнерите поставени на градските улици. Кабастиот отпад како стар мебел, електрични и електронски апарати да не се фрла на јавните површини и да не се остава до садовите за собирање комунален отпад.

„Со ваквите постапки се создаваат големи проблеми при одлагањето и собирањето на комуналниот отпад, а се нанесува и директна финансиска штета на јавното претпријатие“, стои во соопштението на Град Скопје.

Кабастиот отпад, препорачуваат од Град Скопје, да се остави во центрите за селекција на отпад во Карпош и Вардариште или во претоварната станица во Шуто Оризари, за што не се наплаќа паричен надоместок.