Град Скопје: Тополите се сечат бидејќи оштетуваат автомобили и објекти

Дрвјата во Паркот на новинарите, спроти МОН се исечени бидејќи нивните гранки, за време на дождовите оштетиле поголем број моторни возила и објекти.

„ Точно во Паркот на новинарите, дрво падна врз повеќе возила, при што беа оштетени два автомобила марка опел корса и мазда. Екипи на јавното претпријатие „Паркови и зеленило”, по извршениот увид на МВР и изготвениот записник за сторената штета, пристапија кон расчистување на искршените гранки и стебла, при што беа исечени 3 тополи на паркингот до Паркот на новинарите.

Екипите на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ реагираа и во Старата скопска чаршија, на булеварот 8.Септември, кај Тутунска Банка и на уште неколку локации каде што имаше паднати гранки и оштетени дрвја“, се вели во реакцијата на Градот Скопје.

Од Градот посочуваат дека акцијата за сечење на тополите на територијата на градот Скопје се изведува врз основа на Одлука-Програма за работа на ЈП „Паркови и зеленило“ за 2015 година, донесена од Советот на Град Скопје и поддржана од сите советнички групи.

„Оваа Oдлука ќе биде имплементирана во сите програми за работа на ЈП „Паркови и зеленило“ во наредните години, затоа што бројот на тополите во Скопје е многу голем и ќе биде потребно време тие да се исечат и да се заменат со садници кои не се штетни по здравјето на луѓето, имаат позитивни еколошки карактеристики и кои не претставуваат опасност по безбедноста на минувачите и материјалните добра на граѓаните“, се додава во реакцијата каде се нагласува и дека „во последниве пет години на подрачјето на Скопје се спроведува интензивна акција за подигање нови зелени површини и за засадување нови дрвја каква што претходно во градот не е спроведена“.