Град Скопје со нов повик за субвенции од 1.000 денари за чистење оџаци

Од Град Скопје информираат дека продолжуваат со доделување субвенции за чистење на оџаците како би се намалило загадувањето на воздухот.

Тие го објавија Јавниот повик за субвенционирање на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2019 година. Преку повикот градот надоместува дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари, а на јавниот повик можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.

Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2019 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2019 година.

„Целта на овој проект е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне краткорочни и некои подолгорочни ефекти, како што се постигнување на подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, појава на саѓи и трошоците за затоплување, како и подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата за чистење на оџаците“, посочуваат градските служби.

Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 година, кога беа доделени 269 субвенции.

Повеќе информации за јавниот повик, барањето за надоместок и потребните документи кои треба да бидат доставени, можете да најдете на следниов ЛИНК.