Град Скопје сезонава ќе ги штити скопјани од загадувањето со субвенции за печки на пелети

Советниците на Град Скопје на денешната седница ќе ја разгледуваат и треба да дадат зелено светло на Предлог-програма за субвенции за кување печки на пелети. Ова значи – градските власти на скопјани од оваа грејна сезона ќе им надоместуваат 70 отсто од вредноста на печката, односно ќе даваат најмногу до 30.000 денари (500 евра), но примарен услов е домаќинствата да немаат приклучок на централното градско парно.

Изготвувач на програмата е Секторот за заштита на животната средина и природата на Град Скопје. Од таму потенцираат дека субвенционирањето на печките на пелети е активност во мерките за заштита на амбиентниот воздух, а истовремено дел од мерките на Акциониот план на Стратегијата за климатски промени.

„Најголемиот проблем во областа на заштитата на животната средина, со кој се соочува Градот Скопје, е нарушениот квалитет на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на домовите кои не се приклучени на централно греење, пред се заради нецелосното и несоодветно соговрување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување  и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки“, велат од градскиот Сектор.

Според Секторот, развиените и еколошки свесни општествени заедници веќе повеќе години работат на употребата на обновливи извори на енергија, чија предност над фосилните горива е што се обновуваат во природата, а во однос на загадувањето на средината, се минимални причинители.

„Еден од обновливите извори на енергија е биомасата, која опфаќа дрво, сено, одредени билки и што е најважно, сите шумски и земјоделски остатоци кои можат да се искористат за добивање енергија. Најприфатливи од нив за  употреба се пелетите“,  стои во предлог-програмата.

Понатаму, потенцирано е дека пелетите се тврдо гориво во форма на мали цилиндри, кои се произведуваат со пресување на остатоци од дрво. Бидејќи се добиени од дрво, лушпи и остатоци, пелетите се обновлив извор на енергија и при нивното согорување имаат исклучително низок степен на емисија на штетни гасови.

peleti

„При нивното производство не се користат никакви хемикалии или адитиви, а како сврзна компонента се користи лигнин кој доаѓа од структурата на самото дрво. Бидејќи за нивно производство се користат дрвните остатоци од дрвната маса, пилевина, гранки, лисја и др. се намалува и можноста за ширење шумски пожари, а се намалува и сечата на дрвата што би се користеле за огрев“, се вели во предлог-програмата за субвенционирање.

За Секторот за заштита на животната средина, предноста на користењето на пелетите е повеќекратна, односно тоа дава поголема калорична моќност, минимално загадување на воздухот, продуцирање на помала количина пепел. Исто така, велат од Секторот, тие се продаваат во рефус варијнта, во кеси од 15кг, заради што набавката може да се одвива континуирано, по потреба.

„Не е потребен голем простор за складиштење и чување и сл. Печките кои користат пелети имаат подобри перформанси од класичните – имаат ефикасност поголема од 90%, за разлика од печките на дрва кои имаат 55% ефикасност, што директно влијае на заштеда на средствата. Исто така, имаат низок фактор на загадување (5мг/МЈ) за разлика од новите печки, шпорети и камини на дрва, кои имаат фактор поголем 9 пати (45мг/МЈ), а старите печки на дрва имаат фактор на загадување 20 пати поголем (околу 100мг/МЈ), Имаат поголем комфор на користење (нема потреба од често додавање на дрва на огнот, нема потреба од секојдневно чистење на пепел и сл.), се вели во предлог-програмата.

Калкулациии за користење на пелети, велат од градскиот Сектор, упатуваат дека за загревање на 40-50м2, дневно се потребни 15 килограми пелети за максимална работа на уредот, со што се обезбедува температура од 24-25оС во текот на 10 часа. Тоа значи, во текот на годината, односно грејната сезона, се потребни 3 тони, што чини 34.500 денари или 2.875 денари месечно, поделено на 12 месеци, како што се пресметува и надоместокот за централно греење.

„Во ваквата калкулација не е земена предвид  најавената мерка на Владата на Република Македонија за намалување на данокот на пелетите од 18% на 5%. При редуцирана работа на печката и подесување на оптималната температура на 22 оС, потребната количина на пелети драстично би се намалила, а со тоа и потребните средства за затоплување. Трошоците секако ќе зависат и од надворешната температура и квалитетот на изолацијата на објектот“, потенцираат од градскиот Сектор.

Инаку, надоместувањето на дел од трошоците за набавка на печки на пелети ќе се одвива преку јавен повик на веб страната на Град Скопје и во печатени и електронски медиуми.

Програмата за субвенционирање на граѓаните ќе се финансира од Буџетот на Град Скопје за 2016 година, во износ од 5.890.000 денари.