Град Скопје: Пунктот за бездомници во Момин Поток работи 24 часа

Градот Скопје изразува жалење за смртта на Ј.Т. кој изминативе денови почина во населбата Аеродром. Според евиденцијата од Градот, починатото лице не ги користело услугите на овој пункт и на Црвениот крст.

„Согласно со активностите на Црвениот крст, нивни екипи од 30 декември секој ден ги поминуваат сите локации каде што, според нивните информации и сознанија, се движат бездомни лица и истите ги повикуваат со возило да ги превезат до пунктот во Момин Поток. Сега починатиот Ј.Т. одбил да биде пренесен до пункот за бездомни лица во Момин Поток“, соопштуваат во Градот.

Од таму велат дека обезбедување престој на бездомните лица е дел од активностите кои се превземаат по пристигнување на студентиот бран. Во рамки на овие активност, стои во соопштението, Градот Скопје ја финансира работата на Црвениот Крст преку пунктот за бездомни лица во Момин Поток, кој од 30 декември до завршувањето на студениот бран работи 24 часа.

„Покрај овој пункт, на територијата на Скопје, министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст, согласно насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи имаат отворено и други вакви слични пунктови за вдомување бездомни лица. Пунктот за бездомни лица во Момин Поток функционира 8 години и истиот е отворен преку целата година, два пати неделно со следниве услуги: одржување хигиена, медицинска заштита и лекови, облека, психолошка поддршка, правна помош, фризерски услуги, дневен оброк кога лицето е во пунктот. Градот Скопје е единствената единица на локална самоуправа која има изградено и финансиски го поддржува работењето на ваков пункт. На располагање е стационар со капацитет од 16 кревети, отворен во текот на целата година за специфични категории и во ситуации на нарушено физичко и ментално здравје до момент на опоравување“, соопштуваат градските власти од Скопје.

Дополнуваат дека Црвен крст на Град Скопје има евиденција за 148 бездомни лица на подрачјето на град Скопје, кои ги користат услугите на пунктот, додека дневно во просек пунктот го посетуваат до 45 лица.

Вкупниот трошок за функционирање на пунктот, велат од Градот, на годишно ниво изнесува 1.700.000 денари, од кои 500. 000 денари ги обезбедува Град Скопје, а преостанатите се обезбедуваат од донации и од буџетот на Црвениот крст на Скопје.