Град Скопје почна со отстранување на првата галија во Вардар

Градот Скопје денеска почна да ја отстранува првата од трите галии во коритото на реката Вардар. Се работи за галијата во непосредна близина на хотелот „Холидеј ин“.

Како што информираа од Градот, демонтажата ќе ја вршат екипите на ЈП „Улици и патишта“ во наредните неколку недели, и тоа на трошок на фирмата која досега управуваше со галијата во својство на должник во извршната постапка.

„Станува збор за целосно демонтирање, вадење прво на движните ствари кои што се наоѓаат внатре, а потоа демонтажа и на самата галија. Со ова, како континуитет на политиките што јас ги креирам како градоначалник, започнуваме со поизразено расчистување со криминалниот и подмолниот проект ‘Скопје 2014’. Овие галии не се само надвор од здравата естетика, тие се и опасност за граѓаните на Скопје, имајќи предвид дека сите анализи што ги направи Градот од една страна, но и според студијата на УНДП, зборуваат дека галиите во коритото на реката Вардар претставуваат сериозна опасност од поплави кои може да нанесат сериозна материјална штета и да ги загрозат животите на скопјани“, рече денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој се заблагодари на граѓаните за покажаното трпение, бидејќи, како што рече, заради правните постапки и процедури се доцнело со отстранувањето на галијата.

„Одлучив така да работиме, зашто ваквото отстранување на галијата нема да претставува никаква финансиска опасност за Градот, дури и отстранувањето што ќе го вршат ‘Улици и патишта’, ќе биде на сметка на фирмата корисник“, рече Шилегов.

Фото: Град Скопје

Тој тврди дека исполнети се сите правни услови, а жалбата на фирмата бил одбиена од Апелациониот суд,

Сопственикот на галијата „Среќа“, пак, кој е бугарски државјанин, смета дека незаконски се урива објектот. Во негово име, управителот на фирмата „Сервис АД“ Жарко Миленковски, преку демант до медиумите вели дека вкупните инвестиции на бугарскиот инвеститор во Македонија се над 40 милиони, а инвестицијата на бродот е 1,2 милиони евра.

„Град Скопје нема никакво побарување спрема нас! Ова е приватна инвестиција, Град Скопје нема инвестирано ниту еден денар!  На градот плаќаме по 1000€ месечно за концесија. Сé е платено, не должиме ништо! Не е укината дозволата за поставување на урбана опрема, што значи правниот акт врз основа на кој е поставен бродот, сеуште е во сила.Во тек се два судски предмети, од коишто за едниот утринава беше одржано рочиште и не може да се руши на сила додека нема судска одлука. Судот трпи огромен притисок да не донесе времена мерка како би се спречило настанување на штета. Затоа една судијка веќе се откажа а други две веќе неколку месеци не носат решение, се со цел да му се дозволи на Градоначалникот да изврши рушење т.е. да направи штета а потоа да се води судски спор. Ова  е странска инвестиција од бугарски инвеститор“, се вели до дописот на медиумите.

Од таму бараат, како што велат, да им се гарантира правото на фер судење без мешање од градоначалникот Шилегов.

Инаку, галиите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“. Галиите беа вцртани во ДУП „Мал Ринг“ во 2012 година. Најпрво беа планирани шест сплавови, но на крајот се изградија три галии. Компанијата „Фаланга“ преку јавно наддавање доби две локации кај МЕПСО и „Холидеј ин“, додека „Воденица“ доби локација меѓу двата пешачки моста, кои исто така се дел од „Скопје 2014“.

Како што пишува СДК.мк, локација за бродот „Среќа“ најпрво на јавното наддавање во Град Скопје беше купена од фирмата „Фаланга ДООЕЛ“ која ја доби и локацијата кај МЕПСО. Потоа газда стана фирмата „Интек Мак“, за на крај бродот да го добие „Севрис АД“.

Од Град Скопје велат дека, според Студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти, а галиите за третина ја намалиле проточноста на реката.

Хидротехничарот Ангел Панов, кој работеше на Студијата, веќе нагласи дека реката Вардар е регулирана по принципи уште во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, како и дека во тоа време нивото на заштита на Скопје е подигнато на многу високо ниво.

„Максималниот проток на вода за димензионирање на регулираното корито бил 1.150 кубни метри во секунда. Потоа е изградена браната Којзак, која колку и да е опасна, толку и го штити Скопје од поплави. Нивото на заштита тогаш е зголемена за пет пати. Меѓутоа, сите интервенции на коритото во центарот ја намалија неговата пропусна способност до 30 отсто. Дополнително, кај таканареченото Панорамско тркало веќе половина од капацитетот на Вардар е загрозен, ако не и повеќе. Сте виделе ли колку има нанос, камења, бетонски градби?“, рече Панов.

Б.Ш.