Град Скопје: Почна пријавување за надоместок за печки на пелети за 2017 година

Градските власти од Скопје информираат дека од денеска (27.02.) почнува пријавување за субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2017 година.

„Градот Скопје, со цел да ги стимулира жителите на Град Скопје  (домаќинствата) за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, на жителите кои ќе купат печки на пелети од денот на објавување на Јавниот повик заклучно со 13.03.2017 година, ќе им обезбеди поврат на средства во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок“, стои во соопштението на Градот.

Како што објаснуваат од Градот, јавниот повик трае 15 денови од денот на објавувањето, а ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“.

Јавниот повик, барањето и образецот за потполнување може да се види и превземе ТУКА.

Инаку, досега оваа мерка наиде на одобрување кај дел од граѓаните, но и на одредени критики. Забелешките одеа кон тоа дека се работи за симболична мерка, со оглед дека Градот Скопје имаше обезбедено пари за субвенционирање на само 196 домаќинства, а во цело Скопје најмалку 100.000 семејства не се приклучени кон централно греење.

Дополнително, потреба за поопширен стратешки пристап кон горливиот проблем со загадувањето донесоа и резултатите од неодамнешно истражување кое го промовираше Градот. Тоа покажа дека домаќинствата со начинот на греење се најголем причинител за загадувањето со 32%, пред сообраќајот со 20%, прашината од неуредени површини и градежните активности со 19% и индустријата со 18%.

Б.Ш.