Град Скопје планира да отстрани 240 рекламни објекти од јавниот простор

Во наредниот период од јавните површини во Скопје ќе бидат отстранети 240 рекламни објекти, билборди и ситилајти, најавуваат од Град Скопје. Оттаму велат дека почнуваат со акција за ослободување на јавниот простор во време на корона, но и дека градот се придружува на семејството европски и светски градови кои за време на пандемијата ослободија големи простори за потребите на пешаците и на велосипедистите.

Градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција изјави дека продолжуваат со интензивното ослободување на јавните простори во Скопје со цел да се обезбеди повеќе простор за пешаците и за велосипедистите во време на светската пандемија на коронавирусот.

„На задоволство на граѓаните постигнавме договор со компаниите кои се занимаваат со закуп на рекламен простор во делот на билборди и ситилајти, доброволно да отстранат вкупно 240 рекламни објекти од јавните површини во Скопје и покрај тоа што во минатото имаат склучено договор со градот, за што платиле извесен надомест. Станува збор за 120 билборди и 120 ситилајти кои биле легално поставени во најголем дел на тротоари, пешачки површини, велосипедски патеки и други јавни површини и на тој начин го ограничувале движењето на пешаците и на велосипедистите со што ја намалувале и безбедноста на целокупниот сообраќај“, изјави Шилегов.

Од рекламните објекти, градот Скопје досега остварувал приходи од околу 100.000 евра месечно, а по акцијата за отстранување велат дека тој приход ќе се намали на 80.000 евра месечно, што претставува намалување на приходите за 20% од оваа ставка, но, додаваат дека со крајна цел за ослободување на јавниот простор за граѓаните.

„На првата наредна седница Советот на Град Скопје ќе одлучува за ослободување на компаниите за закуп на рекламен простор од надоместокот кој му го плаќаат на Град Скопје за период од 3 месеци. Со намалувањето на бројот на рекламни објекти компаниите ќе имаат намалување за 20% на давачките за месечна закупнина во понатамошниот период“, стои во соопштението на Град Скопје.

Од Град Скопје информираат дека покрај легално поставените рекламни објекти, на повеќе локации во градот биле забележани и нелегално поставени рекламни објекти, кои во наредниот период најавија дека ќе бидат отстранети.