Град Скопје објави тендер за идеен проект за автобуско метро од Ѓорче Петров до Ново Лисиче  

До 3 септември ќе се доставуваат понуди на јавната набавка преку која Градот Скопје бара изработка на идеен проект за брз автобуски систем.

Тендерот се однесува на изработка на проектна документација за т.н. автобуско метро со траса Ѓорче Петров – Ново Лисиче, од запад кон исток на Скопје. Односно, траса со должина од 12,81 километри во една насока, со 21 автобуска постојка и 2 теминали, во индустриската зона во Ѓорѓе Петров и во населбата Ново Лисиче.

Според тендерската документација, првата станица на автобуското метро ќе биде кај Поликлиниката Ѓорче Петров, а потоа ќе се движи долж булеварот „Партизански одреди“. За приклучок во центарот на градот кај Соборниот храм ќе врти на булеварот „Климент Охридски“, па кон улицата „Димитрие Чуповски“, булеварите „Кочо Рацин“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Јане Сандански“ до улицата „Февруарски поход“ во Ново Лисиче. Тука ќе биде последната станица.

Како што објави сдк.мк, ова е прва фаза од реализацијата на овој градски проект и основа за Градот да го потпише договорот со ЕБОР за заем.

„Очекувам дека до крајот на оваа година ќе ги завршиме постапките за добивање на заемот и распишување на тендерот за избор на фирма за набавка на возилата и изведба на целокупниот систем. Наредната година би стартувале со имплементацијата“, се вели во изјавата на градоначалникот Петре Шилегов што ја пренесува сдк.мк.

Воведување на новиот концепт на јавен превоз ќе чини 70 милиони евра.

Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 на ден. Со имплементција на првата фаза се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фрекфенцијата на автобуси на 3-4 минути.

Како што пишува сдк.мк, автобусите да бидат со хибриден погон и со должина од 18 метри. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути. Улицата „Димитрие Чуповски“ по воведувањето на автобуското метро ќе треба да се пренамени во пешачка зона, со дозволено движење само на возилата од јавниот превоз, кои би се движење со брзина на пешак.