Град Скопје објави конкурс за идејни решенија за три летни сцени во Градски парк

Површината во првиот дел од Градски парк во непосредна близина на езерцето, површината спроти Сточарски институт и површината во вториот дел од паркот, спроти Кајак кану клубот „Илинден 90“, се трите локации за кои Град Скопје објави конкурс за партерни идејни решенија за „Летна отворена сцена“.

Според градските власти, целта на оваа иницијатива е со дефинирање на локациите на Летната отворена сцена во партерното уредување да се зголемат содржините во паркот и, велат тие, на тој начин да стане еден несекојдневен природен амбиент, поинвентивен и попривлечен за посетителите.

„Град Скопје преку своите активности континуирано работи на подигање на квалитетот на урбаното планирање на Градскиот парк“, соопштуваат од Градот.

Од таму додаваат дека предмет на работа на конкурсот е партерно уредување на Летна отворена сцена која треба да претставува тридимензионален материјален исказ поставен во отворен простор.

„Идејата на овој проект е преку партерно уредување на локациите да се предвидат позиции на кои би се поставиле монтажни бини во рамките на Летната отворена сцена со што ќе се направи интерактивно место на кое ќе се одржуваат културни манифестации на отворен простор и ќе овозможи поголем пристап на посетители кои ќе посетуваат одреден вид на настани од областа на културата“, се вели во конкурсот.

Исто така, соопштуваат од Градот, идејата е да се запази природниот амбиент на наведените 3 (три) локации на кои ќе се постави оваа летна сцена, односно, да се искористат рељефните содржини на самите локации за поставување на гледалиштето наспроти сцената.

„Партерното уредување на  Летната сцена, особено треба да се одликува со високи естетски вредности“, стои во конкурсот на Град Скопје.

Идејните решенија треба да се достават најдоцна до 16.06.2020  година во 12 часот во Град Скопје – Барака 1а.

На конкурсот ќе бидат доделени три главни награди во бруто износ од 70.000 денари за секоја локација.