Град Скопје најавува новогодишна населба и прослава за Новогодишната ноќ

Новогодишна населба на плоштадот „Македонија“ со украсени куќички, вештачки снег, катчиња за игра и смеа и секојдневна програма што ќе биде интересна за граѓаните – ова е само дел од предновогодишната програма што ја подготвува Градот Скопје во пресрет на Новогодишните и Божикните празници, а која ја најави градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.

– Во текот на декември, на плоштадот „Македонија“ за првпат ќе осамне новогодишна населба, нешто што во Скопје досега го немало. Нашиот план е населбата со име Винтерленд (Зимска земја) за граѓаните да се отвори на 7 декември. Во неа ќе има куќички украсени во новогодишен амбиент и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. Ќе има и топ за создавање вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во селото ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер. На средината ќе се постави голема новогодишна елка, а просторот околу елката ќе биде организиран како дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички – рече денеска Шилегов.

Тој најави дека китењето на градските улици и булевари ќе почне наредната недела.

– Очекувам во Скопје да се создаде вистинска предновогодишна атмосфера. Конечно е време на скопјани да им понудиме европска новогодишна прослава, нешто што досега во градот не се случувало. Затоа, ги поканувам граѓаните да ја посетат новогодишната населба и со своите најблиски да уживаат во празничниот амбиент – додаде Шилегов.

Комплетната програма за новогодишната прослава, која ќе почне на 15 декември, како и за прославата на Новогодишната ноќ на 31 декември, Градот Скопје ќе ја соопшти дополнително.