Град Скопје надоместува 70 отсто трошоци за 196 граѓани кои купиле печки за пелети

Градот Скопје информира дека е извршена исплата на субвенциите, односно надоместок на дел од трошоците за купување на печки на пелети. Скопје. Според градските власти, од објавувањето на Јавниот повик на 12 октомври, па се до негово затвoрање на 4 ноември, до Комисијата биле поднесени вкупно 343 барања, но согласно  предвидените средства прифатени се 196 барања, додека преостанатите или не ги исполниле критериумите, или пак биле поднесени по исцрпувањето на предвидените средства во програмата.

„Град Скопје, со цел да ги стимулира граѓаните за користење обновливи извори енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, им обезбеди враќање на дел од потрошените средствата за печки на пелети купени по денот на објавување на јавен повик, се’ до исцрпување на буџетот наменет за таа намена“, соопштуваат од Град Скопје.

Средствата што ги надоместува Градот Скопје за програмата за 2016 се во износ од 70% од цената на купената печка на пелети, но не повеќе од 30.000 денари. Право на учество на повикот имаа жителите на Скопје, кои купиле печка на пелети за затоплување на својот станбен простор по денот на објавување на  јавниот повик. Истовремено, не беа вклучени домаќинствата со приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба .

„Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, се’ до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 5.890.000 денари, но не подоцна од 30.11.2016 година. Град Скопје планира и наредната година да спроведе активности за надоместување  дел од трошоците за набавка и инсталирање печки на пелети во индивидуалните станбени објекти, за што јавноста ќе биде благовремено информирана по усвојувањето на буџетот, некаде во почетокот на наредната година“, информираат од Град Скопје.

Инаку, и опозициските советници гласаа за оваа мерка, но нагласија дека таа не е доволна, туку се работи за симболична мерка, затоа што во Скопје околу 100.000 семејства не се приклучени на системот за централното греење. Односно, само околу 200 семејства ќе можат да ги искористат овие мерки, па како единствено стратешко решение за проблемот со загадениот воздух ја потенцираа гасификацијата на Скопје.

„Доколку Коце Трајановски искрено сакаше да им помогне на скопјани, ќе одделеше поголема сума на пари за субвенции на пелети, тоа можеше да го направи од ставките за панорамски тркала, за фасади, за барокни споменици, и за фонтани, но тој ниту сака, ниту може да им помогне на скопјани, и затоа треба веднаш да си оди, со што најмногу ќе придонесе за намалување на загаденоста во градот“, рече опозицискиот советник Дамјан Манчевски кога почна пријавувањето за субвенционирањето на печките за пелети.