Градот Скопје негира дека со изградбата на новиот Луна Парк ќе се уништат над 59.000 метри квадратни.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека станува збор на невистинита информација и дека Луна Паркот ќе се протега на истата површина како и досега и нема да се завзема и уништува зеленило во Градскиот Парк. Според деталниот урбанистички план, големината на соодветните парцели изнесуваа 84.070 квадратни метри, додека самиот забавен парк ќе се протега на истата површина како и досега на површина од околу 24.000 метри квадратни (ДУП Централен градски парк-блок3 за урбанистичка парцела 3.1)“, стои во реакцијата на Град Скопје.
Според Град Скопје, вкупната проценета вредност за изградба на Луна паркот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра.
Понатаму, велат од Градот, главниот забавен дел на паркот ќе има два адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.
„Во Луна паркот во отворениот дел ќе има влезна партија со билетарница, продавница за сувенири, ресторани, канцеларии за администрацијата, тоалети и гардероби за вработените, како и затворен мултинаменски објект со облик на школка. Целиот простор во Луна паркот ќе биде партерно и хортикултурно уреден и ќе биде поставена урбана опрема во согласност со темите кои ги прикажува забавниот парк. Со овие постапки, скопјани конечно ќе добијат нов, модерен забавен парк, со нова опрема и реквизити, кој не е обновен од неговата изградба во 1973 година“, се вели во соопштението на Град Скопје.