Град Скопје: Летото се користи за реновирања во средните училишта

Во текот на летниот распуст ќе се вршат реконструкции во 16 средни училишта во Скопје за што ќе се потрошат околу 22 милиони денари, соопштија од Градот.

Според планот за работа во текот на летниот распуст, во СУГС „Цветан Димов“ се реконструираат санитарните јазли, санира фекалната канализација и опремуваат кабинетите за учениците од медицинската струка, во СУГС „Георги Димитров“ се реконструира фасада на училиштето, СУГС „Никола Карев“ се реконструира фискултурната сала, а во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ се реконструира подот во салата.

Во СУГС „Јосип Броз-Тито“ летово ќе се менува внатрешната столарија, во СУГС „Орце Николов“ се работи на реконструкција на санитарните јазли, во СУГС„ Васил Антевски Дрен“ се менуваат прозорците, во „Марија Склодовска Кири“ се обновува подот во училниците, во СУГС „Димитар Влахов“ се реконструира спортскиот терен.

Од град Скопје информираа дека санација има и во СУГС „Браќа Миладиновци“ се работи на реконструкција на дворната површина во училиштето; во СУГС „Боро Петрушевски“ се заменува дел од стариот покрив, а во „Зеф Љуш Марку“ се санира покривот. Подовите се реконструираат во училиштата „Арсени Јовков“, „8 Септември“, „Здравко Цветковски“ и „Лазар Танев“.