Град Скопје ќе субвенционира електрични тротинети

Град Скопје годинава ќе распише јавен повик за субвенции за купување електрични тротинети. Градските власти од својот буџет за оваа намена издвоиле еден милион денари.

„Целта на оваа мерка е стимулирање на граѓаните за помасовно користење електрични тротинети како алтернативно превозно средство“, соопшти Град Скопје.

Максималниот износ за поединечна субвенција за купување електричен тротинет по лице се утврдува во износ од 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Условите за учество се исти како и кај јавниот повик за субвенции за велосипеди. Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Град Скопје кои треба да достават барање за надомест, доказ за жителство во главниот град, копија на важечка лична карта на барателот, копија од трансакциска сметка на барателот. Потребно е да се достави и доказ дека е извршено купување на нов електричен тротинет и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум од денот на објавување на повикот.

Средствата кои Градот ќе ги издвои за субвенционирање за купување електрични тротинети се средства кои беа неискористени од буџетот за субвенции за велосипеди, поточно субвенции за велосипеди за лица со посебни потреби.