Град Скопје ќе формира Совет на млади

Град Скопје ќе формира Совет на млади коj ќе се состои од претставници на невладини организации и здруженија на млади, ученички и студентски совети како и претставници од Советот на Град Скопје. Овој Совет ќе биде дел од Статутот на Град Скопје.

Советот ќе има 11 членови со претседател и заменик, согласно деловникот за работа на Советот на млади.

Советот на млади ќе се состои од пет претставници од невладини организации и здруженија на млади и други регистрирани облици на организирање на младите, два претставника од ученички совети, два претставника од студентски совети и два претставника од Советот на Град Скопје.

„Ваквиот пристап истовремено значи и афирмација и потврда на веќе докажаниот пристап во почитување на принципите на уставност и законитост како трајна определба во работа на органите на Градот Скопје. Советот на млади на Град Скопје преставува советодавно тело на Град Скопје, заради поттикнување и овозможување активно вклучување на младите во јавниот живот на Градот Скопје“, се вели во соопштението.

Во Советот ќе членуваат млади на возраст од 15 до 30 години. Советот на градот може да разреши член на Советот на млади и пред истекот на мандатот на лично барање, ако наврши 30 години, ако отсуствува од седниците на Советот на млади неоправдано три пати едно по друго, но и ако со правосилна  судска пресуда е осуден на безусловна казна затвор во траење подолго од шест месеци.

Членовите на Советот ќе се избираат на секои две години, седници треба да одржуваат најмалку еднаш во два месеци. Начинот на работа на Советот на млади поблиску се утврдува со деловник за работа на Советот на млади.

Од градот посочуваат дека Советот на млади треба да донесе програма за работа за наредната година најдоцна до 30 ноември во тековната година и да ја доставува до Советот на Град Скопје за согласност.

Програмата треба да создаде различни активности значајни за положбата на младите, како на пример креирање и следење на локалната програма за работа на младите, соработка со другите советодавни тела на  Македонија и странство, консултирање со организации на младите за теми значајни за младите, соработка со телата во Градот Скопје во креирање и реализација на политиката кон младите.

За предлог одлуката за формирањето на Советот на млади, градските советници ќе расправаат на денешната седница на Советот на Град Скопје.

 

Извор: Фактор