Град Скопје ја прогласи 2020 за година на Славко Јаневски

Со 32 гласа, Советот на Град Скопје го прифати предлогот 2020 година да биде прогласена за година на Славко Јаневски, во чест на 100-годишнината од раѓањето на истакнатиот македонски писател.

Од Град Скопје соопштија и дека планираат повеќе други активности кои ќе бидат во чест на Јаневски.

Седница на советот

„Тргнувајќи од творештвото и од книжевната моќ на делување на скопјанецот Јаневски, во негова чест Градот планира да именува улица и еден од библиотечните клонови при Градската библиотека; изложба за животот и делото на Славко Јаневски во Музеј на град Скопје; распишување на конкурс за уметници коишто ќе творат во негова чест; поддршка во реиздавањето на неговите дела,
изработка на мурал на еден од скопските ѕидови“ и многу други активности“, информираа од Град Скопје.

Славко Јаневски е еден од втемелувачите на современата македонска книжевност по Втората светска војна и на стандарден македонски јазик ја напиша првата македонска повест „Улица“, првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“, а
со „Две Марии“, и со многубројните преостанати дела го стави своето родно Скопје на светската книжевна мапа.