Град Скопје: Ја отстрануваме првата галија од Вардар

Град Скопје преку прес-конференција денес соопшти дека е почната постапка за остранување на првата галија од коритото на Вардар. Се работи за галијата кај МЕПСО, веднаш до мостот каде беше планирано Панорамско тркало. Сопственик на галијата е Ниче Димовски-Македон.

Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, Градот во изминатиот период водел сериозни правни постапки, со цел, како што рече, да се создадат услови за отстранување на галијата од коритото на Вардар, а притоа без да има опасност од финансиски импликации по градот.

Галијата добила решение од Град Скопје во 2016 година за привремено да не врши дејност. Во 2018 година им доставиле решение дека треба да почнат со работа. Но, според Шилегов, тоа не е направено.

„Условите се создадени и во рок од 30 дена корисникот на таа, таканаречена, урбана опрема е должен сам да ја отстрани. Во спротивно, тоа ќе го направи Градот на негов трошок, по истекот на овој рок, некаде по 10 април оваа година“, рече Шилегов.

Тој нагласи дека безбедноста на скопјани е на прво место.

„Сите анализи и студии што ги направивме укажуваат дека објектите од проектот ‘Скопје 2014’ кои што се наоѓаат внатре во коритото на Вардар – галиите, сериозно можат да ја загрозат безбедноста од поплави, со тоа да нанесат материјална штета и да ги загрозат животите и здравјето на граѓаните. Од друга страна, пак, расчистуваме со нешто што никогаш не било и никогаш нема да биде Скопје, а тоа е проектот ‘Скопје 2014’“, рече Шилегов.

Од денешната прес-конференција на Град Скопје

Исто така, соопшти дека дислокацијата на овој објект е втората активност што ја презема градот, по отстранување на споменикот на Ќосето, а е во рамките на неговите ингеренции.

„Јас очекувам дека и во иднина ќе се создаваат услови, без да имаме финансиски импликации по буџетот на градот или по буџетот на централната власт, да ги отстраниме овие објекти од коритото на реката Вардар. Веќе ги отстранивме фундаментите од таканареченото Панорамско тркало, сега го отстрануваме и бродот што се наоѓа непосредно до Панорамското тркало, со што ги спречуваме можните последици и го враќаме ликот на градот“, рече Шилегов.

Инаку, галиите во Вардар се дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“. Галиите беа вцртани во ДУП „Мал Ринг“ во 2012 година. Најпрво беа планирани шест сплавови, но на крајот се изградија три. Компанијата „Фаланга“ преку јавно наддавање доби две локации кај МЕПСО и „Холидеј ин“, додека „Воденица“ доби локација меѓу двата пешачки моста, кои исто така се дел од „Скопје 2014“.