Град Скопје: Изречени 227 казни за непочитување на забраната за дотур на стока

За една година, Министерството за внатрешни работи изрекло 227 казни за дотур на стока во центарот на градот, информираат од Град Скопје.

До нив секојдневно реагирале граѓаните кои упатуваат на непочитување на Одлуката за забрана за вршење дотур на стока во централното градско подрачје во периодот од 7:30 до 18 часот.

Градот Скопје апелира до дистрибутерите да ја почитуваат Одлуката, за да се намали сообраќајниот метеж во овие делови од градот, а со тоа да се намали и загаденоста.

Забраната во согласност со Одлуката на Град Скопје важи за центарот на градот, односно за потегот од улицата Франклин Рузвелт до Транспортниот центар, од булеварот Илинден до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов до Јужен булевар, додека забраната согласно со Одлуката на Општина Центар важи за сите сервисни улици на територијата на општината.

Возилата за дотур на стока можат да се движат низ центарот да градот, а стока да носат во дуќаните само ако се паркираат на паркинзи, но не смеат да ја истовараат стоката застанувајќи на улица и на тротоарите.