Град Скопје и Шумарски факултет ќе ги ослободуваат зацементираните дрвја

Градот Скопје потпиша меморандум за соработка со Шумарскиот факултет со кој прецизно се утврдуваат обврските на двете институции за мапирање и ослободување на заробени стебла и корења на дрвјата со градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности.

Како што изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, идејата за потпишување на овој меморандум доаѓа од истражувањето на деканот на Шумарскиот факултет, Кирил Сотировски кој заедно со негов студент мапираше 500 зацементирани дрвја низ Скопје.

„ Во таа насока Градот Скопје ќе изврши отстранување на градежниот материјал на точно утврдени локации каде што истиот предизвикува опасност од оштетување на дрвјата, секако по претходно извршена инспекциска контрола за утврдување на фактичката состојба и одговорноста за непрописно изведените градежни активности“, рече градоначалникот Шилегов.

Шумарскиот факултет освен мапирањето на локациите каде што постои опасност од оштетување на дрвјата, ќе обезбеди и стручна помош во обуката на лицата задолжени од Град Скопје, кои непосредно ќе ги реализираат теренските активности за отстранување на градежниот материјал. Деканот Сотировски, ја поздрави брзата реакција на Град Скопје по нивното истражување.

Како што пишуваше Радио МОФ, во истражувањето се мапирани зацементираните дрвја во еден дел од Скопје, што ја отвора можноста бројката на вакви дрвја да е многу повисока.

Кирил Сотировски, декан на Шумарски факултет: Скопје напролет мора да ослободи стотици „зацементирани“ дрвја