Град Скопје и Општина Чаир почнаа да прават зелен покрив на „Мавровка“

Градот Скопје во соработка со општина Чаир и Здружението на корисниците на деловен простор во деловниот центар „Мавровка“ почна со уредување на, како што велат, третиот и најголем зелен покрив во Скопје – покривот на „Мавровка“.

Зелениот покрив се уредува според проект од архитектот Бесиан Мехмети, кој го правеше и училиштето „Киро Глигоров“.

Според градочалникот на Скопје, Петре Шилегов, кај локацијата кај „Маврова“ дневно поминуваат повеќе од 70.000 автомобили, место на кое што се наоѓа и државна мерна станица. Шилегов вели дека го прават зелениот покрив да го покажат нивниот пристап на еднаквост на Градот, а второ, да го заменат зеленилото кое со проектот „Скопје 2014“ на микролокација кај Ректоратот, кое, вели тој, беше уништено со цел да се изградат и недоизградат барокните згради што не се ниту дел од Универзитетскиот кампус.

„Искуството што го имаме со најексплоатираниот зелен покрив, зелениот покрив на Градскиот трговски центар, е навистина прекрасно. Мислењето на граѓаните и посетеноста ни даваат за право како Град и како институции да продолжиме да вложуваме во овој тип на простор, кој во иднина ќе биде јавен. Во моментов може да видиме колку е сериозно уништен. Со реализацијата на овој проект не само што ќе имаме импакт со зеленило врз најголемата раскрсница во градот, ќе влијаеме и врз самиот трговски центар. На луѓето ќе им овозможиме уште едно прекрасно катче, кое од вака руинирана површина која зрачи топлина поради бетонот ќе стане површина на која граѓаните ќе може да поминуваат пријатни моменти“, изјави денеска Шилегов.

Визуелизација на Град Скопје

Според најавите на Град Скопје, на овој простор се планира да бидат засадени над 40 различни видови садници на вкупна површина од 4.000 квадратни метри.

Од таму сметаат дека е значајно што Скопје во услови на пандемија од коронавирусот ќе добие уште едно прекрасно место на кое ќе можат да се одвиваат културни настани на отворено со почитување на здравствените протоколи.

„Дополнително, овој зелен покрив се наоѓа во непосредна близина на комплексот факултети при УКИМ и Националната универзитетска библиотека што го прави уште една зелена локација на која студентите ќе можат да го користат своето слободно време во паузите.Зелените покриви се една од мерките за  намалување на т.н. урбани топлотни острови кои воедно даваат можност за развој на вегетацијата и животинскиот свет во урбаните средини, а со нив Скопје добива еден нов и модерен лик со многу зелени површини и урбани содржини кои не носат чекор поблиску до целта – нашиот град конечно да стане зелена престолнина со која сите ќе се гордееме“, соопштуваат од Град Скопје.

За реализацијата на проектот Град Скопје потпиша меморандум за соработка со Здружението на корисниците на деловен простор во „Мавровка“ и општина Чаир, а проектот е донација од здружението.