Град Скопје и НМСМ ќе подготвуваат апликација за титулата Европска престолнина на млади

Град Скопје на иницијатива на Националниот младински совет на Македонија – НМСМ и бројни младински организации започнаа со подготовка за титулата за град на млади, која ја доделува Европскиот младински форум со цел да ги охрабри младите да го зголемат младинското учество во градовите кои конкурираат за ова титула, информираат денес од Град Скопје.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на работен состанок со претставници од младинскиот сектор, соопштуваат оттаму, изрази целосна поддршка на младите и на нивните идеи кои ги изнесоа на средбата, истовремено охрабрувајќи ги да продолжат со нивната креативност, иновативност и континуирано да бидат активно вклучени во сите општествените процеси.

„Со вклучување во процесот за Европска престолнина за млади, секоја година, еден европски град има можност да ги презентира и покаже иновативните идеи и проекти направени од и за младите, подобрувајќи ја вклученоста на младите во светски рамки. Градовите ја потврдуваат својата заложба младите да имаат еднаква можност да учествуваат во креирањето на политики во социјалната и економска сфера. Тргнувајќи од фактот дека младите се двигатели на општеството, носители се на нови иновативни идеи, ја зајакнуваат локалната демократија и нивниот придонес е од корист во кој секој сегмент, затоа активната поддршка за младите, ги отвора можностите за соработка и следење на примерите за соработка во другите европски градови“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Преку промоцијата на младинскиот активизам важно е да се креираат можности за младите и преку нивно поврзување со културните и образовните институции, како клучни партнери на Градот, тие да бидат активни носители и креатори на голем број градски активности и проекти.