Град Скопје го распиша јавниот повик за субвенции на инвертери

Град Скопје денеска го распиша јавниот повик за субвенции на инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата, каде што граѓаните ќе може да аплицираат и онлајн.

На над 5.000 граѓани на Скопје целосно ќе им бидат надоместени трошоците за набавка на инвертер уред, но не поголема од 62.000 денари во нето износ.

„Сите граѓани на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе биде инсталиран уредот имаат право да учествуваат на повикот. Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на барателот. Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 01.01.2020 година, до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на средствата“, информираше портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека на овој повик новитет е условот граѓаните доброволно да ја достават (без надоместок) постојната печка на дрва, јаглен, нафта или на  мазут на локација која дополнително ќе им биде соопштена.

Салиху наведе дека според многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје, најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките имало затоплувањето на домовите кои немаат централно греење.

„Ова се јавува пред се заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено го постигнуваат максималното задоволство при затоплувањето на домовите. Со субвенциите за овие уреди создаваме услови за поголем број граѓани да се одлучат да инвестираат во нов начин на греење, со кој ќе се намали загадувањето на воздухот, ќе се намалат трошоците за греење, а ќе се подобри нивото на комфор и удобност во нивните домови“, нагласи тој.

Според анализата на  годишно ниво на Град Скопје, доколку  се направи паралела во трошоците за греење на стан со 60 м2 за една грејна сезона во однос на греење со термо печка, печка на дрва и инвертер клима уред, ќе се заштедат од околу 19.000 денари во однос на загревањето со печка на дрва или 22.000 денари во однос на загревањето со термо печка.

Овие субвенции се дел од мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје.

Сите информации за повикот, како и формуларите за електронското пријавување ќе ги најдете на следниов ЛИНК.