Град Скопје ги објави условите за субвенциите за инвертери, парите ќе се враќаат по избори

Градот Скопје ги објави условите за субвенциите за инвертери за скопјани, кои се доделуваат како една од мерките против аерозагадувањето на воздухот. Конкурсот ќе биде објавен на 1 март, а ќе трае до 30 ноември, или пократко, ако интересот е голем и се исцрпат предвидените средства.

На јавниот повик ќе се прифаќаат фискални сметки за купен инвертер од 1 јануари 2019 година, а исплатата на средствата, како што соопштија од Градот, ќе се врши по завршувањето на претстојните претседателски избори. Субвенционирањето ќе се финансира од Буџетот на Град Скопје за 2019 година.

Висината на субвенцијата ќе биде  во износ од 50% од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

За надоместување на дел од трошоците, барателот треба да ги исполнува следниве критериуми:

  1. Право на учество:

Право на субвенционирање на дел од средствата за купување на инвертери во 2019 година имаат физички лица кои се жители на Град Скопје (општините во градот: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари) и кои ги исполнуваат следниве услови:

  • да има живеалиште на подрачјето на град Скопје (општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај Центар, Чаир и Шуто Оризари),
  • инвертерот да го купил во 2019 година, се до завршување на јавниот повик, односно исцрпување на средствата од Буџетот на Град Скопје за субвенционирање за купување инвертери,
  • да нема искористено субвенции од кој било извор во Република Македонија за затоплување на своето домаќинство (станбен објект),
  • до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут,
  • станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее,
  • да нема приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, без оглед на тоа дали го користи,
  • да има платено данок на имот за станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, заклучно со 2018 година,
  • Само едно лице по домаќинство може да поднесе едно барање за добивање надоместок исклучиво за набавка на еден уред.
  1. Услови за учество:

При разгледување на барањата за субвенционирање, предвид ќе бидат земени оние во кои подносителот ги исполнил следниве услови:

  • доставил пополнет образец за јавниот повик за доделување субвенции за набавка на посовремен уред за затоплување,
  • доставил доказ дека е жител на град Скопје, што се докажува со фотокопија на личната карта,
  • доставил доказ во оригинал дека е извршено купување во 2019 година и тоа со фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршена уплата,
  • доставил фотографија од печката на дрва, јаглен, нафта или мазут која ја користел,
  • доставил фотокопија од трансакциска сметка, и
  • доставил потврда за платен данок на имот за станбениот објект заклучно со 2018 година.

Купувачот на уредот, барањето за надоместување на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, на адреса булевар Илинден број 82, во архивата на Град Скопје (барака 16), секој работен ден од 08:30 до 15 часот. Јавниот повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.