Говорот на омраза создава насилство, но Јавното обвинителство не го препознава

Во Кривичниот законик не е доволно инкриминиран говорот на омраза – не содржи еден конзистентен член. Индиферентен е односот на обвинителството и судството, нема ниту една правосилна пресуда за говор на омраза. Несанкционирањето на говорот на омраза изминативе години отвори можност преку портали и Фејсбук отворено и наголемо да се повикува на насилство и да се шири дискриминација, нетрпеливост и омраза.

Ова се дел од забелешките и заклучоците на денешната дебата организирана од МИМ – „Како до ефикасно справување со говорот на омраза“.

Настанот беше можност да се претстави анализата „Ефикасноста на законската регулатива за заштита на говор на омраза“, чиј автор д-р Ненад Живановски, меѓу другото, нагласи дека фактичката состојба со законодавството не може да биде оправдување за непостапувањето на јавното обвинителство и судството.

„Непроцесуирањето на говоро на омраза и неказнувањето на сторителите, доведе до состојба поединци да бидат охрабрени да го користат и да го шират, а жртвите од таквиот говор да немаат можност правно да се заштитат“, рече Живановски.

Примерот со студентите кои мирно протестираа против изградбата на црквата насред плоштадот „Македонија“, според него, е најдобар показател како систематско користење говор на омраза води до ескалација на насилство. Понатаму, судската власт и некои медиумски работници наместо да бидат брана за непрофесионално и противзаконско работење на дел новинари, тие се јавувале во улога на нивни заштитници.

Го спомена „случајот Миленко Неделковски“, како една парадигма на еден медиумски реалитет. Се работи за личност која, според присутните, долго време шири говор на омраза и насилство во јавниот простор, а не се соочува со ниту една санкција.

„Освен (зло)употребата на телевизијата да ги изнесе јавно своите ставови, Неделковски е континуирано присутен со проблематични статуси и на неговиот фејсбук-профил“, стои во истражувањето. Но, сепак, Вишото јавно обвинителство изнело мислење дека фејсбук-статус на Неделковски со закани кон неколкумина новинари не поттикнува омраза и насилство, туку само „искажани ставови за физички лица“ и со тоа го одбил барањето тој кривично да се гони.

Според адвокатот Лазар Сандев, не само што изоставува правосудна пресуда, туку нема ниту еден процесуиран обвинителен акт во однос на говорот на омраза. Јавното обвинителство, вели тој, е неактивно.

„Не станува збор дека одредени лице треба да поднесат кривична пријава до ЈО за тоа да интервенира. Јавните обвинители треба преку чуен глас, преку она лично ќе го видат, сами да покренат иницијатива и да го заштитат вредностите на општеството и правата на другите“, вели Сандев.

Често пати проблематични се т.н. „нови медиуми“ (електронските портали, социјалните мрежи) за кои институциите креваат раменици, тврдат „не се надлежни“ и воопшто не реагираат. Според адвокатот, колку повеќе во јавноста се користи одреден степен на говор, толку повеќе тој станува вообичаен при секојдневната комуникација – кај новинари, политичари, граѓани.

Од дебатата „Како до ефикасно справување со говорот на омраза“

„Кога некој гледа дека друг не е санкциониран, автоматски смета дека неговото право на слобода на изразување е исто и како и претходниот. Продолжува со истата реторика и динамика. Тоа мора во најскор можен период да се искорени, Јавното обвинителство активно да се вклучи“, потенцираше адвокатот.

Надополни дека говорот на омраза не е само искажано мислење. Го има во повеќе форми – пишана или непишана форма, преку вандализам, графити, симболи, гестикулации… Некои видови говор на омраза се заштитени, но дел и незаштитени во домашното законодавство, како негационизмот. Тоа подразбира дека преку слободата на изразување упатуваме говор на омраза со кој негираме одредени факти. Таков пример е Павел Иванов против Русија.

„Павел Иванов кажувал дека Евреите се извор на злото во Русија, дека тие треба да се ‘тргнат’ од официјалниот живот и не можат да опстојуваат во Русија. Во домашната постапка бил осуден за поттикнување говор на омраза. Барал заштита од Европскиот суд за човекови права, меѓутоа судот сметал дека ваков говор, едноставно, не може да биде заштитен“, наведува Сандев.

Криминологот Елена Брмбевска од Хелсиншки комитет за човекови права потенцира дека говорот на омраза со невиден замав се проширува. Најчесто изминативе години под капата на црна пропаганда со националистички идеи, нетолеранција, со омраза кон различните и маргинализирани групи.

Брмбевска ja спомена платформата govornaomraza.mk, каде граѓаните можат да пријавуваат случаи. Таму доминираат три основи за говор на омраза – етничка, политичка припадност и сексуалната ориентација.

„Во втората половина на 2016 имаме рециклирано 136 случаи на говор на омраза, кои се појавиле на јавни настани, собири, при говори на политичари, во медиумската сфера, но има појава на говор на омраза и низ Фејсбук и Твитер, провоцирани од одредени медиумски написи. Во 2017 имаме регистрирано 46 пријави. Она што можам повторно да потврдам е дека јавните обвинителства се неми за говорот на омраза. Не го препознаваат говорот на омраза, односно каде завршува слободата на говорот, а каде почнува омразата, за да може таа да се разграничи и санкционира“, забележи таа.

Најдалеку отишла нивната соработка со сектор во МВР, од каде понекогаш им излегувале во пресрет за идентификација на некоја ИП-адреса или, пак, им барале дополнителни информации. Сепак, на крајот, нема резултати во судот и обвинителствата.

Како примери за говор на омраза ги посочи посмртните плакати за дипломатите во екот на политичката криза, потоа недолични натписи како „Смрт за ѓупци“ на основно училиште каде главно учат Роми, но и плакати за протести каде се повикува на „Протест против исламизација на Крива Паланка“.

Граѓаните, нагласи Брмбевска, можат да бидат активни и да пријавуваат и поднесуваат претставки на Советот за етика во медиумите, Агенција за медиуми, Комисија за заштита од дискриминација…

 

Бојан Шашевски