Готвачи приготвуваат храна за сиромашните од она што останало во Олимпиското село

Група на меѓународни готвачи ги вложија своите напори за да го посочат проблемот со гладот во Рио де Женеиро, готвејќи ја храната која останала во Олимпиското село и донирајќи ја на сиромашните жители на градот.

Летните олимписки игри, кои се одржуваат по 31 пат, во бразилскиот град се соочуваат со голем број на критики бидејќи државата минува низ голема економска криза.

Сепак, угостителската компанија, одговорна за приготвувањето на храната, склучи договор со Олимпиското село и 11 000 натпреварувачи за да подготвува оброци за најсиромашните.

Иницијативата RefettoRio Gastromotiva, покрената од готвачите Масимо Ботура од Италија и Бразилецот Дејвид Херц, цели кон тоа дневно да приготви 5 000 оброци, користејќи ги само оние состојки кои би се фрлиле.

„RefettoRio Gastromotiva ќе функционира само со состојки кои треба да се фрлат, како невкусно овошје и зеленчук, или јогурт кој ќе биде фрлен за два дена ако не го купите“, вели Херц.

„Ние сакаме да се бориме со гладта и да овозможиме пристап до вкусна храна“.

Иницијативата ќе функционира за време на Олимписките и Параолимписките игри, а потоа ќе продолжи да делува како „социјален бизнис“, објасни Херц.

Бизнисот, исто така, ќе обезбеди стручна обука за вработените во рестораните.

Ботура беше инспириран од минатогодишната иницијатива, Refetterio Ambrosiano, која соедини 65 готвачи кои приготвуваа оброци користејќи донирани состојки од Светскиот саем во Милано.

Како што Олимпијците ги освојуваат своите златни медали, така расте и тензијата на улиците, со се поголеми протести против властите.

Полицијата беше критикувана за нејзиниот однос кон демонстрантите, поради фрлање на солзавец и удирање со палки, додека граѓаните го искажуваа својот револт против огромната сума на пари која се троши за Олимписките игри.