Гостување на францускиот театар Ефемерид во Скопје и Битола

Во организација на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Драмскиот театар и Народниот театар од Битола, Македонија ќе биде дел од европската турнеја на театарот Ефемерид кој ќе ја има праизведбата на драмата „Исповед на една мазохистка”. Автор на драмата е едно од најголемите имиња на чешката драматургија Роман Сикора. „Исповед на една мазохистка” е една потресна симболичка и социјална слика на апсурдот во пост-комунистичката епоха на Европа.

Претставата ќе биде изведена на 21 октомври, на Малата сцена на Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 19.30 часот. Три дена подоцна, на 24 октомври во 20:00 часот, претставата ќе има и своја изведба во Народниот театар во Битола.

Во претставата настапуваат актерките Јана Клејн и Наташа Машкевич, а режисер на претставата е Патрик Вершурен од Франција, чија што длабока поврзаност со Македонија и балканските драматургии трае речиси две децении. Своевремено во Драмскиот театар во Скопје тој ја постави драмата „Европа” од Ромен Гари и Рене Калиски и добитник е на високото француско признание Шарл Дулен за Балканската трилогија -„Гробница за Борис Давидовиќ” од Данило Киш, „Казна за Малвина” од Мирко Ковач и „Среќата е нова идеја во Европа” од Јордан Плевнеш, која беше играна во 120 театри низ цела Франција.