Господарот на студентите

ТЕМА: Господарот на студентите
ФЕЈСБУКМАНИЈАТА и СТУДЕНТИТЕ
МОТОТО на 21 век –ИМАМ ФЕЈБУК ПРОФИЛ, ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ ( СОВРЕМЕНА ВЕРЗИЈА ОД ЛАТИНСКАТА МАКСИМА COGITO ERGO SUM- МИСЛАМ ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ).

Ако до пред 1-2 години оваа сајбер култура на чело со социјалните мрежи беше типична за младите, денес речиси сите припадници на повозрасната популација имаат фб профил. Но клучната дилема е како да се заштити приватноста на овие мрежи со тоа што мал момент на невнимание може да биде фатален за нашиот интегритет, углед и кариера, а голема е и веројатноста да бидеме етикетирани или жигосани за цел живот. Колкумина од нас реално ги читаат упатствата пред да креираме (отвориме ) свој профил?

Што реално се прави за заштита на личните податоци кога правото се движи како зајак во споредба со хипердинамичниот развој на ИТ. Заклучокот е дека никој не е невидлив на фб со тоа што Гугл работи на принципот на кеширање т.е однапред ни ги дава опциите за бараните зборови во просторот за пребарување (search) и се што правиме останува трајно на интернет, независно дали е тоа на фејсбук каде што често остануваме конектирани и онлајн по цела вечер само да не пропуштиме некоја актуелност на мрежата, а често одиме на предавања или во школо и без да склопиме око.Клучната дилема не е дали сме ние манипулирани на интернет, туку КОЈ не манипулира. Она што загрижува е непостоењето на реално спроведлива и ригорозна правна рамка која ке го регулира однесувањето во оваа навидум безгранично слободна зона каде царува сајбер криминалитетот , уште помалку етичка свест и образование за последиците од нашите постапки во виртуелниот свет. Самата ,,анонимност” во сајбер просторот, забавата и занимливите содржини, игрите на фејсбук и богатото информативно мени, онлајн конверзацијата т.е интерактивноста и мултимедијалните содржини не привлекуваат да се заборавиме и по неколку часа до раните утрински часови, комплетно заборавајќи на нашите реални обврски. Ваквата фактичка состојба е јасен индикатор за улогата на новите медиуми каде интернетот е речиси неизбежно нашето алтер его или второ јас.
• Како Интернетот (може да ) стимулира насилство врз младите?

Алармантна е состојбата со говорот на омраза на кој веќе навикнавме, тој ни стана помил и позабавен отколку вистинскиот бон тон и културата на однесување, ние сакајќи или не станавме дел од еден магичен круг од кој е вистински тешко да се излезе. Фејсбук навистина беше дел од неколку непосакувани сценарија токму поради ваквиот говор кој ескалираше со реакција на оние до кои беше упатена провокацијата. Токму самиот фејсбук е идеална почва за сеење омраза и разгорување тензија, за манипулирање со детската невиност и незрелост, за промовирање непристојни содржини до степен на вулгарност и примитивизам кои се понижувачки за човечкото достоинство.

• На фејсбук беше формирана група за протестите на Кале против градењето црква на плоштадот Македонија, каде што можевме со свои очи да се увериме во присутната агресија и етничка омраза за која експертите имаа став дека може да прерасне во конфликт од типот на 2001.

• Директна рефлексија од таквите етнички онлајн конфликти се се почестите напади и тепачки во автобуси, на спортски натпревари каде доминира говорот на омраза што предизвикува чуство на парализирачки страв и паника за движење во одредена зона.

• Друг пример, но во спротивна т.е позитивна конотација е обединетата Твитер заедница која најпрво се мобилизираше онлајн т.е на Твитер , а потоа со масовни протести го крена својот глас против полициската бруталност и убиството на младиот Мартин Нешковски. Ова зборува дека социјалните мрежи може да се користат и за промовирање некои позитивни навики и заеднички проекти на приврзаници на некое движење, симпатизери или фанови на некоја младинска или студентска платформа, за обединување за реализирање на некоја конкретна акција или предложување реформи преку креирање група која ќе влијае врз јавната свест за потребата од таква политика. Но сепак, почести се негативните примери од проста причина што таквите фејсбук групи станаа масовна појава која се злоупотребува за нечие исмејување, понижување, објавување непристојни содржини и говор на омраза, дискриминаторски тон така што таквата слобода во оваа виртуелна зона е примамлива за помалку толератните корисници на фејсбук кои сакаат да станат популарни преку објавување скандалозни вести, афери, трачеви и сл. контроверзии, а често и дезинформации.

Дотолку повнимателно треба да се служиме со оваа социјална мрежа во која мал момент на невнимание може да не чини многу. Самата виртуелност продира до нашата свест и може многу лесно да не наведе да веруваме во поедини неморални убедувања кои се пропагираат како нешто најнормално, додека моралните принципи често се искривени до степен на општествена аномалија или патолошка појава.

• ОПШТИ ФАКТИ ЗА КОРИСНИЦИТЕ НА ФЕЈСБУК

Фејсбук денес го користат 1 милијарда луѓе, 552 милиони го користат дневно и притоа се постираат околу 10 милијарди коментари–ова е само причина плус да размислиме како ги користиме социјалните мрежи. Ова е крај на монополот на информации и ера на мрежното општество за кое нашироко зборува познатиот професор и социолог Мануел Кастелс во голем број од неговите дела посветени на оваа проблематика. Неодамнешната конференција на Меѓународната телекомуникациска унија во Дубаи е резултат на загриженоста од преголемата слобода на Интернет кој е медиум, но речиси е невозможно да се контролира со самото тоа што нема географски суверинитет. Дали ИНТЕРНЕТОТ целосно ќе го преземе приматот над традиционалните медиуми и колку технологијата ги унапредува и јакне демократијата и граѓанското општество, кои се следните предизвици во сајбер просторот, кој е помоќен човекот или технологијата и сл. се само дел од вечните дилеми на кои вреди да се размислува посериозно со цел минимална превенција од фатални последици за нашата кариера и личен живот. Дисеминацијата на негативна енергија во самата комуникација како говор на омраза е уште една манифестација на потиснатата агресија и негативни чувства т.е самата комуникациска пракса стана полиберална во однос на оваа друштвена мрежа за која праксата покажува тренд на злоупотреба на слободата на изразување. Секако тука е и нарушувањето на приватноста зад завесата на анонимус, дебаланс во однос на реалната вербална комуникација и копирање негативни трендови кои на Интернет понекогаш се прикажуваат како позитивни во мејнстрим културата. Ние сме исправени пред огромен број предизвици на 21-виот век така што мора да се едуцираме и да најдеме поефикасен начин да се заштитиме од сите можни злоупотреби во сајбер просторот.

Интернет нема географски суверинитет и токму затоа е речиси невозможно некој да го поседува со што се задава сериозен атак и знак прашалник за заштитата т.е опасноста од полесно загрозување на човековите права. Обидот за некакво нормирање на користењето на Интернет и самиот однос во мрежата е можеби еден од најголемите испити за експертската јавност. Уште поголем испит и за опстанувањето на самите семејства во време на криза на моралните и духовни, како и семејни вредности. Како родителите да го задржат авторитетот во семејството кога Интернетот има супрематија над малолетните , но и полнолетните корисници од младата популација?

Ивана Чичоска